ММС

Објавено на: 02/12/21 1:05 PM

„Here I stand“ е евровизиската песна со која Васил ќе не претстави во Ротердам

„Here I stand“ е насловот на евровизиската песна со која што македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи на 65. издание на Евровизија во мај во Ротердам.

Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски.

„Во целиот хаос и бура од разочарувања минатата година, Here I stand „се напиша” во еден здив, без притоа да помислам за каде и за кого ја пишувам песната. Веројатно тие се оние ретки моменти кога ќе се споите сами со себе и ќе оставите вашата емоција да ве понесе без да ја „осудите”, туку ја оставате да истече од вас во најискрената форма. Особено сум горд што ја имам можноста со автобиографска песна да ја претставам Македонија на Евросонг. Велат дека секој човек си носи барем една песна во себе, Here I stand е мојата песна што едвај чекам да ја запеам на сцена! Им благодарам на сите кои ме поддржуваат и веруваат во мене“, изјави Васил Гарванлиев.

Песната ќе се снима во студиото Fames во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали ќе се снимаат во Чикако, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде и самиот Васил членуваше како дете.

Борче Кузмановски е познат како клавијатурист на групата Нокаут кој соработува со речиси сите еминентни имиња од домашната поп, рок, џез и алтернативна сцена, а Давор Јордановски во Канада дваесет години гради кариера како изведувач, композитор и продуцент за компании како Sony/ BMG, Westar Music, Sound Ideas, MDScoring.

Песната „Here I stand“ со видео запис ќе биде промовирана на почетокот на месец март.

Македонскиот претставник Васил Гарванлиев веќе ја сними и евровизиската разгледница, годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.

На три месеци до Евровизија, организаторите се фокусираа на реализација  на сценариото Б, според кое Евровизија ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од ковид 19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој може да се движи од 0% до 80%, во зависнот од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.