ММС

Објавено на: 02/12/21 8:38 AM

Путин ја поздрави одлуката на САД за продолжување на договорот „Нов СТАРТ“

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ја поздравуваат американската одлука за продолжување на новиот Договор за намалување на стратешкото вооружување (Нов СТАРТ), јавува Агенција Анадолија (АА).

Путин пред состанокот со членовите на Советот за безбедност на Русија кратко го прокоментира продолжувањето на новиот договор СТАРТ кој го потпишаа САД и Русија.

Тој напомена дека веќе одамна на американските власти им предлагале да го продолжат овој значаен договор.

„Задоволни сме што новата администрација на САД ги исполнила своите изборни ветувања. Ја поздравуваме оваа одлука“, изјави Путин.

Тој исто така истакна дека на состанокот ќе се разговара за чекорите за спречување на трката во вооружување и контрола на вооружувањето.

„Нов СТАРТ“, кој стапи на сила на 5 февруари 2011 година и кој требаше да истече на 5 февруари оваа година, го ограничува бројот на стратешки нуклеарни боеви глави, проектили и бомбардери кои Русија и САД можат да ги распоредат.

Воените експерти предупредија дека непостигнување договор за продолжување на договорот „Нов СТАРТ“ би можело да ја поттикне евентуалната трка во вооружувањето и да ја зајакне напнатоста меѓу Москва и Вашингтон.

Белата куќа минатиот месец соопшти дека претседателот Џо Бајден ќе побара петгодишно продолжување на договорот „Нов СТАРТ“.

Рускиот претседател Владимир Путин на 29 јануари исто така потпиша одлука за продолжување на договорот, кој претставува последен голем пакт за нуклеарно вооружување меѓу САД и Русија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.