ММС

Објавено на: 02/12/21 8:00 AM

Голем интерес за пријавување за вакцинација против Ковид-19

Апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk” за искажување заинтересираност за вакцинација против Ковид-19 ја пополниле околу 30 000 граѓани. Ова синоќа во телевизиско гостување го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека 20 отсто од дијагностицираните случаи во изминатите денови имаат британска мутација на вирусот. Посочи дека засега нема потреба од дополнителни рестриктивни мерки.

– Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина. Сепак станува збор за еден нов продукт, за почеток на производство. Буквално сите земји се соочуваат со истиот проблем и со истиот предизвик, потенцира Филипче и најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт договор со компанијата „Фајзер”.

Веб-страница „Vakcinacija.mk” завчера беше пуштена во употреба и преку неа граѓаните може да се пријават дека сакаат да се вакцинираат. Секој граѓанин кој ќе ја пополни апликацијата, се регистрира во електронскиот систем „Мој Термин”, а матичниот лекар ќе може да го види податокот за пациентот.

– Вакцинацијата против коронавирусот ќе се спроведува исклучиво преку предвидениот план кој е изготвен во Националниот план за имунизација на населението во Северна Македонија. Процесот на вакцинирање на граѓаните ќе се одвива во три фази по приоритетни групи. Согласно распоредот предвиден во планот, матичниот лекар ќе ги повика и информира граѓаните за точниот датум и часот кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата, соопшти Министерството за здравство.

Со пополнувањето на регистрацијата, граѓаните искажуваат само интерес за вакцинација. Тоа не значи дека закажале и термин за вакцинирање. Датумот и часот за вакцинација го утврдува Националниот систем „Мој Термин” согласно со фазите кои ги содржи Националниот план за Ковид-вакцинација.

Во првата фаза, како што посочуваат од Министерството, е предвидено да се вакцинираат здравствените работници кои работат со ковид-пациенти во болнички услови и се изложени на многу висок ризик од инфекцијата, а во оваа фаза се и следните приоритетни групи за вакцинирање: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Државава, како што вчера беше најавено, наредните денови од Србија ќе ги добие првите 8 000 вакцини против Ковид-19 со кои ќе почне имунизацијата. Станува збор за вакцини на „Фајзер” кои ни ги отстапи Србија, а неколку недели чекаа на одобрение од производителот за да влезат во земјава.

Доставувањето на вакцините закажано за вчера е одложено за наредните денови поради потребата од усогласување на техничка документација.

– Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин Табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме, се наведува во соопштение од Владата до медиумите.

Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ вчера изјави дека сè е подготвено за Србија да и ја предаде донацијата на вакцините на „Фајзер” на Северна Македонија, но се чека дозвола на тој американски производител, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа објасни дека договорот меѓу Србија и „Фајзер” предвидува дека вакцините не можат да се извезуваат.

– Имаме одредени количини на вакцини наменети за донација во Северна Македонија, единствено што се чека е техничката документација, односно официјалното одобрување од „Фајзер” дека нивните вакцини можат да бидат донирани, истакна Брнабиќ.

Таа посочи дека разговарала со директорот на „Фајзер” за да добијат одобрување за донацијата што е можно поскоро и оти претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги повлекол личните врски со САД за да ја добијат таа согласност.

– Се надеваме дека сè ќе се заврши во следните неколку денови, рече премиерката Брнабиќ.

Во текот на следните денови во државава се очекува и испорака на нови 200 илјади дози вакцини од Кина, за кои беше потпишан договор во понеделникот.

Според податоците на Министерството за здравство за изминати 24 часа, регистрирани се нови 416 случаи со Ковид-19, седум починати и 278 оздравени пациенти.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 96152, на оздравени пациенти е 87122, на починати е 2966, а на активни случаи изнесува 6064. Од вкупниот број активни случаи во Скопје има 2818.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.