ММС

Објавено на: 02/12/21 7:30 AM

Министерот Османи во работна посета на Босна и Херцеговина

Како дел од неговата турнеја на регионот, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи денеска ќе престојува во работна посета на Босна и Херцеговина во чиј фокус ќе биде развојот на билатералните односи, како и можностите за иницирање на нови форми на соработка од интерес на двете пријателски земји.

Во рамките на посетата, како што соопшти МНР, освен со својот домаќин, заменик претседавачот на Советот на министри и министер за надворешни работи на Босна и Херцеговина Бисера Турковиќ, министерот Османи ќе биде примен во претседaтелството на Босна и Херцеговина каде ќе има средба со членот на претседателството, Шефик Џаферовиќ, и ќе оствари средби со претседавачите на двата дома на Парламентот на Босна и Херцеговина.

Посебен интерес на средбите ќе биде посветен на процесот на интеграцијата во Европската унија и европската перспектива на земјите од Западен Балкан, напредокот на тој план и очекувањата на двете земји во наредниот период.

Како земји кои претендираат за засилување на соработката во регионот, велат од МНР, осврт ќе биде направен и за актуелните состојби во нашето непосредно и пошироко соседство, значењето од интензивирање на регионалната соработка, како и актуелните регионални и глобални предизвици. 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.