ММС

Објавено на: 02/11/21 6:29 PM

Белгија смета дека Северна Македонија покажа волја за реформи за влез во ЕУ

Белгиската министерка за надворешни работи, Софи Вилмес се сретна денеска со нејзиниот македонски колега, Бујар Османи. Од нејзиниот кабинет информираа дека министрите разговарале за ЕУ перспективата на земјата како и за белгиските инвестиции во Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Белгија ја споделува оценката на Европската Комисија за реформите за влез во ЕУ на Северна Македонија.

-Официјално кандидатка за членство во ЕУ од 2005, Република Северна Македонија ја покажа последниве години својата волја да биде дел од европскиот проект, вклучително преку низа амбициозни реформи за приближување кон европските придобивки. Овие напори се позитивно оценети од страна на Европската Комисија, соопштија од Кабинетот на министерката.

Софи Вилмес порача дека Белгија ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, но смета дека нивната апликација за членство треба да биде оценета врз основа на сопствените заслуги и условена стриктно според реалниот напредок на терен. Тој треба да биде неповратен, меѓу другото во однос на владеењето на правото и човековите права.

Османи и Вилмес констатирале дека Белгија е важен економски партнер за Северна Македонија и изразиле надеж дека ќе продолжат добрите односи. Белгија, исто така бара од Северна Македонија да внимава на заштита на инвестициите.

Брисел и Скопје се заложиле и да продолжат да разменуваат добри практики во области како човековите права и родовата еднаквост.

Во наредните години Белгија и Северна Македонија планираат да членуваат во Советот за човекови права на Обединетите нации, двајцата министри разговарале за желбата да соработуваат и во овој дел.

Станало збор и за регионалните прашања помеѓу двајцата прашања. Вилмес го поздравила Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Република Бугарија.

-Помирувањето и стабилноста на Балканот е клучна за Европската Унија, затоа е неопходно дијалогот помеѓу Северна Македонија и нејзините соседи треба да биде постојан за да се постигнат овие цели, изјавила шефицата на белгиската дипломатија на средбата со Бујар Османи.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.