ММС

Објавено на: 02/11/21 3:32 PM

Новинарите бараат побрзо да се процесуираат пријавите за напади врз нив

Нападите врз медиумските работници треба побрзо да се процесуираат и потребни се измени во Кривичниот законик, оценија учесниците на вебинарот „Изменување и дополнување на Кривичниот законик на Северна Македонија: Решение за зајакнување на безбедноста на новинарите“.

Нападите врз новинарите се зголемени, а речиси и да нема судска разрешница и затоа е потребна поголема ангажираност од институциите, конкретни измени во Кривичниот закон и повисоки казни за напаѓачите.

Само минатата година имало 14 пријавени напади и закани врз медиумските работници, а само еден случај има судска разрешница.

Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, работите се уште тапкаат во место – има пораст на физичките и вербалните напади врз новинарите, а неказнивоста останува.

– Апелирам до сите за поголема ангажираност за да не ни се повторуваат овие работи. Нормално е дека ќе има случаи, но тие треба да бидат исклучоци, а не да претставуваат правило. Како што сега стојат работите, нападите врз новинарите и неказнивоста стануваат правило, а истовремено побрзо се процесуираат сите постапки кои се однесуваат на слични дела упатени кон политичарите или другите носители на функции, истакна Чадиковски.

ЗНМ бара во Кривичниот законик, нападите врз новинарите да се третираат како напади врз службени лица, а од Јавното обвинителство да има посебно одделение или група на обвинители кои ќе ги третираат ваквите напади. Посебно внимание во измените на Кривичниот законик се бара да се посвети на вербалните напади и говорот на омраза преку социјалните мрежи бидејќи анализите покажуваат дека во најголем дел нападите врз новинарите се преку интернет.

фото: IFJ.org


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.