Креаторот на доменот vaksajns.mk денеска бил повикан во Полициската станица во Карпош на информативен разговор.
Тој на својот фејсбук профил ја објави информацијата.
– Краток апдејт: во 13:30 сум поканет во ПС Карпош на разговор околу доменот vaksajns.mk.
Единицата за компјутерски криминал мене брзо ми влезе во трага и брзо ме поканија за обично пренасочување кон сајтот на МЗ, за разлика од предметот за девојчињата од Струмица чии инкриминирачки материјали биле споделувани насекаде и не успеваше да ги најде сторителите 2 години, напиша Адил Бакиу.
Инаку страницата vaksajns.mk врши директно пренасочување до официјалната страна за вакцинирање на Министерството за здравство – vakcinacija.mk.
Министерството за здравство вчера во МВР го пријавило доменот vaksajns.mk, бидејќи создавал забуни во врска со пријавувањето за вакцинација против ковид-19.
Терминот „ваксајнс“ беше хит на социјалните мрежи во последните денови откако премиерот Зоран Заев го употреби додека зборуваше на англиски за вакцинацијата.