ММС

Објавено на: 02/11/21 2:42 PM

Стотина мостри вина и ракии на индивидуални производители на натпреварот „Свети Трифун“ во Кавадарци

Стотина мостри вина и ракии учествуваат годинава во натпреварот по повод празникот на лозарите и винарите  Свети Трифун,  кој го организира здружението „Винотек“ од Кавадарци. Организаторот е задоволен од одѕивот годинава на индивидуалните производители и оценува дека се зголемува интересот за вакви натпреварувања, бидејќи нивните вина добиваат стручна оценка и мислење од врвни енолози.

„Интересот беше голем, имаме пристигнато мостри од цела Македонија. Имаме пристигнато 65 мостри за црвени вина, 20 за бели, десетина за розе вина и станушина. Од жестоките пијалаци присутни се 20 мостри за ракија и шест мостри за мастика и овошни ракии. Оценувањето се врши по сите протоколи и стандарди. Првичните оценки се дека напредува квалитетот на вината и ракиите од година во година“, вели Орцо Настов од „Винотек“.

Оценувањето на пристигнатите мостри го врши шест члена комисија составена од енолози, а предводена од професорот Михаил Петков. Тој смета дека  е  потребна сеуште едукација на индивидуалните производители,  за да произведуваат врвни вина.

„Да бидам искрен, денеска очекувавме многу повеќе со оглед на тоа што години на назад се едуцираат производителите. Засега немаме баш некое многу високо мислење, особено за вранецот, кој е најбитен тука. Останува сеуште проблемот кај производителите околу хигиената во подрумите, садовите, неправилна употреба на енолошките средства“ вели професорот.

Тој советува производителите на грозје дека мора да ги менуваат старите навики

„Радува тоа што расте интересот,  што се повеќе се произведува вино и од малите производители и го  преработуваат своето грозје во вино.  Додека виното да стане вино има уште еден пат да се иззоди кој воопшто не е лесен.  Имавме вина кои имаат стран мирис, кој не е типичен за сортата ниту за виното. Мора многу да се внимава, на приносот на грозје, на комплетната агротехника во лозјата. Да се дочека онаа права технолошка зрелост на грозјето кога мора да се бере за да дојдеме до квалитетно вино. Исто така мора да се внимава и на сите постапки во процесот на винификација“ вели Петков.

Наградите за најдобрите вина и ракии ќе бидат доделени на манифестацијата која ќе се одржи во винскиот музеј во Кавадарци по повод Свети Трифун, кога и симболично ќе бидат закроени лозовите насади.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.