ММС

Објавено на: 02/11/21 2:29 PM

Судењето на организаторите на 27 април ќе продолжи на 16 февруари

Откако беа сослушани повеќе сведоци на одбраната, меѓу кои и бившиот претседател Ѓорѓе Иванов, Основниот суд во Скопје донесе одлука судењето за организаторите на случувањата за 27 април 2017 година да продолжи следната недела на 16 февруари.

Последна сведочеше поранешната заменик министерка за правда, Биљана Бришковска Бошковски која за настаните во Собранието дознала од присутните на роденденската забава на која била со своите деца.

„Ми се јави Кристијан Делев, заменик-министер за економија тогаш, ме праша дали сакам да одиме во штабот затоа што ќе дошол тогашниот премиер Емил Димитриев. Стигнав околу 20 часот, се упатив на осмиот кат каде беа околу стотина членови на влада, градоначалници и функционери. Колку што се сеќавам, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски ги видов на осмиот кат кога заминував од штабот околу 21.30 часот – рече Бришковска Бошковски која на прашањето дали го познава лицето Александар Василевски – Нинџа одговори неговото име го сретнала само во службена комуникација во Министерството за правда.

„Не сум го видела во штабот на ВМРО-ДПМНЕ додека бев таму. Го познавам од медиуми и сигурно ќе го приметев поради неговата конституција ако беше таму“, додаде таа.

Поранешниот директор на Водовод, Александар Атанасов откри дека поради лично убедување учествувал на протестите за Заедничка Македонија, но немал никаква вибер комуникација или насоки од Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски за учество или евентуално организирање на вработени за учество во протестот.

На почетокот на судењето сведоче експретседателот Иванов кој истакна дека тогаш како врховен командант на армијата и шеф на државата немал информација за најава на организиран влез на толпата во Собранието. Тој ги нарече небулози информациите дека на 27 април планирал да прогласи воена состојба.

„Се што е поврзано со воена состојба произлезе од текст објавен во еден неделник, една недела пред настаните. Текстот содржеше шпекулации и до 27 април тој беше коментиран во другите медиуми во земјата и пренесен во странски медиуми. Целиот текст е небулоза. Уставот е јасен: воена состојба се прогласува кога постои опасност за напад на државата, кога е нападната или кога и е објавена војна. Одлука носи Собранието со двотретинско мнозинство, кое ако не се состане, одлука може да донесе и претседателот, но таа потоа оди на потврдување во Собрание. Но, Собранието беше во постојано заседание откако им беа верификувани мандатите на пратениците“, рече Иванов и додаде дека оваа теза во 2017 година се пласирала за да се дискредитираат армијата и тој како врховен командант.

На прашањето каков бил неговиот став за движењето За заедничка Македонија, Иванов рече дека јавно го поддржал неколку пати.

„По објавувањето на тиранската платформа на 7 јануари имаше жестоки реакции посебно од дијаспората и тие беа предизвикани од политичарите кои ја поддржаа платформата во Албанија. Тие реакции се слеаја во ова движење“.

Случајот, кој го води судијата Илија Трпков, ќе продолжи со сослушување на сведоците Богдан Илиевски и Борис Јосифовски, предложени од одбраната на Спиро Ристовски.

Поранешниот спикер на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.