ММС

Објавено на: 02/11/21 11:13 AM

(ВИДЕО) Анчелоти „ладен шприцер“ и со топол чај во рака, а на „Гудисон Парк“ трилер со девет голови

Замислете да сте толку „кул“ и да прославите гол за водство од 5:4 во продолженијата на 1/8 финалето на ФА Купот, со чај во рака? Или барем, се надеваме дека она што Карло Анчелоти го имаше во рацете при постигнувањето на победничкиот гол на Бернард во 97-та минута е топол чај.

Евертон во неверојатен трилер со девет погодоци на „Гудисон Парк“ го елиминираше Тотенхем од најстарото фудбалско натпреварување во Англија, продолжувајќи ја мизеријата на Жозе Мурињо на двата домашни фронта.

Тотенхем преку Санчез уште на стартот го отвори резултатот, а Евертон со блицкриг при крајот на полувремето направи целосен пресврт и преку головите на Калверт-Луин, Ричарлисон и Сигурдсон од белата точка, дојде до водство од 3:1. Ерик Ламела во длабокото продолжение на првиот дел ја врати неизвесноста и ни даде до знаење што ќе се случува во вторите 45, а подоцна и 30 дополнителни минути на мечот.

Колумбискиот дефанзивец во 57-та минута по вторпат се запиша во листата на стрелците, но десет минути по постигнувањето на изедначувачкиот гол за Тотенхем, Ричарлисон одлично го искористи додавањето на Сигурдсон и ја затресе мрежата на Хуго Љорис. Во меѓувреме Мурињо реши да го засили нападот со ставањето во игра на својот најдобар поединец, Хари Кејн. Кејн по асистенција на Сон, по милионити пат оваа сезона, со одмерен удар со глава го пронајде патот до мрежата на Робин Олсен и го однесе натпреварот во продолженија двапати по 15 минути.

А таму, „отпишаниот“ Бернард и „господинот“ Карло Анчелоти. Во нормални услови и пред полн „Гудисон Парк“, фановите би се однесувале и реагирале идентично како и асистентот на италијанскиот тренер, Данкан Фергусон. Но Анчелоти, Анчелоти едноставно „го ладеше“ чајот во студената ливерпулска ноќ, проследувајќи го голот на Бразилецот мирно и повеќе од достоинствено.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.