ММС

Објавено на: 02/11/21 9:17 AM

Прв разговор помеѓу Бајден и Си Џинпинг: Да се воспостават механизми за надминување на проблемите во односите

Американскиот претседател Џо Бајден за првпат по стапувањето на функцијата разговараше со својот кинески колега Си Џинпинг. Тој изразил загриженост поради кршењето на човековите права во Пекинг, Хонконг, Синџијанг и кинеската политика кон Тајван, се наведува во соопштението на „Белата куќа“.

Од друга страна, кинеската национална телевизија пренесува дека кинескиот претседател го предупредил Бајден за важноста на здравиот однос помеѓу двете големи сили, а според него клучно е да се воспостават механизми за надминување на проблемите во односите.

-Зборував со претседателот Џи и посакав убави желби за кинескиот народ за Лунарната Нова година. Истовремено изразив загриженост поради економската практика на Пекинг, човековите права, Тајван. Му кажав дека ќе соработувам со Кина додека американскиот народ има бенефит од тој однос, напиша Бајден на својот „Твитер“ профил.

Кинескиот претседател во разговорот потенцирал дека прашањата за Хонконг, Сиџијанг и Тајван се прашања на суверенитет и се надева дека во иднина САД ќе бидат повнимателни на тоа поле.

Двајцата лидери исто така замениле погледи за пандемијата на коронавирусот и здравствената безбедност на глобално ниво, како и климатските промени, додаваат од „Белата куќа“.

Билатералните односи помеѓу Кина и САД во последните неколку години го допреа најниското ниво, откако поранешниот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина за создавање на Ковид-19 вирусот.

 

 

 

Фото:

wsj.com

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.