ММС

Објавено на: 02/11/21 8:42 AM

Хусите извршија напад на Аеродромот „Абха“ во Саудиска Арабија

Коалициските сили предводени од Саудиска Арабија објавија дека Хусите во Јемен го нападнале Меѓународниот аеродром „Абха“ на југозапад од Саудиска Арабија и дека избувнал пожар во цивилен авион, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според веста на телевизискиот канал „Ел Ихбарие“ на Саудиска Арабија, коалициските сили соопштиле дека Аеродромот „Абха“ во регионот Асир бил цел на кукавички терористички напад, организиран од страна на милициите на Хусите.

Се наведува дека како резултат на нападот се случил пожар во цивилен авион и дека пожарот е ставен под контрола.

Меѓу другото се нагласува дека се преземени сите неопходни мерки за заштита на цивилите и цивилните цели, и дека терористичките милиции ќе бидат судени според меѓународното хуманитарно право.

Во соопштението не се дадени информации во врска со деталите за нападот и дали има жртви или повредени лица во инцидентот.

Коалициските сили во претходното соопштение наведоа дека се уништени две беспилотни летала со експлозив испратени од Хусите, поддржани од Иран.

Хусите поддржани од Иран во Јемен често ги таргетираат јужните подрачја на Саудиска Арабија.

Инаку, Хусите од септември 2014 година под контрола го држат јеменскиот главен град Сана и одредени други подрачја.

Коалициските сили под водство на Саудиска Арабија од март 2015 година ѝ даваат поддршка на Владата на Јемен против Хусите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.