ММС

Објавено на: 02/10/21 8:29 PM

Како ќе влијае идниот национален парк на Шара на бројноста на дивечот?

Веќе втора недела по ред трае забраната за ловење дивеч, освен прелетен и штетен дивеч. Од Ловечкото друштво Љуботен кое го има земено под концесија ловниот терен на Шара над Општините Теарце и дел од Јегуновце, велат дека состојбата со ловокрадството е многу подобрена, а бројката на дивеч зголемен.

Од Ловечкото друштво Љуботен истакнаа дека за нецели 10 години откако тие се концесионери на ловниот терен, бројката на дивеч е зголемена за неколку пати. Но оттаму стравуваат дека состојбата со дивечот ќе се влоши откако Шара ќе стане Национален парк. Според нив, границите на паркот во пределот каде сега тие се концесионери се над 400 метри надморска височина или во превод, речиси ништо од нивниот ловен терен нема да им остане каде сега вршат прихрана репродукција на дивечот и слично.

Ако се земе предвид колку се грижи државата за шумските предели станува јасно дека и со дивечот ќе постапи така – велат оттаму.

Секторот за внатрешни работи Тетово  потсетува дека ловењето во период на ловостој претставува кривично дело „незаконит лов”, за кој е предвидена парична или затворска казна од една до три години. СВР Тетово на ловџиите им укажува исто така, дека нивното оружје не треба да го даваат на користење на други лица, без разлика дали тие лица поседуваат  валидни дозволи, зашто тоа е спротивно на законската регулатива.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до ловџиите и риболовците доследно да ги почитуваат законските прописи и самоволно да не ги кршат, дотолку повеќе што веќе се интензивирани контролите на полошките простори и против сите кои на еден или друг начин ќе се однесуваат спротивно на законот, ќе следуваат поднесоци и соодветни санкции.

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.