ММС

Објавено на: 02/10/21 6:03 PM

Германската армија не е доволно подготвена за можните идни закани, оценува германското Министерство за одбрана

Во извештајот подготвен од германското Министерство за одбрана се наведува дека германската Армија не е доволно подготвена за тешкотиите и заканите кои може да дојдат утре, пренесува агенцијата Анадолија (АА).

Извештај за состојбата на Армијата подготвен на 8 страници е презентиран од страна на началникот на Генералштабот, Еберхард Цорн и министерката за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, пред надлежните комисии во Бундестагот.

Во извештајот се наведува дека германската Армија во период на брзи развојни и технолошки промени „не е доволно финансирана“, и „не е доволно подготвена“.

„Германската Армија денес не е доволно подготвена за утрешните тешкотии и закани“, се нагласува во извештајот, и се додава дека Германија треба да биде подготвена против заканите во иднина.

Меѓу другото, во извештајот се бара Федералното собрание секоја година да организира „недела на безбедност“, во која ќе се разгледуваат безбедносни прашања и да се донесе Закон за планирање на Армијата заради зајакнување на финансиската состојба, како и да се преуредат регулативите за набавки.

Исто така, во извештајот се наведува дека проектите за „Евродрон“ и транспортните хеликоптери ќе бидат забрзани и дека за тоа ќе бидат потрошени 20 милијарди евра.

Русија и Кина во извештајот се опишуваат како стратешки конкуренти.

Според извештајот, Русија се дефинира како „моќ против Западот“, во последниот период ги има зголемено воените и политичките закани и намерно ги крши меѓународните конвенции.

​​​​​​​Меѓу другото, во извештајот се забележува дека Кина е силен и сѐ повеќе видлив и созреан актер.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.