Вести Македонија

Истражување: Срамот и недовербата кон институциите ги „замолчуваат“ жените жртви на насилство

Насилството врз жените не е индивидуален, туку проблем кој го засега целото општество и затоа е потребна заедничка работа за да се осуди и елиминира. Ова е пораката што беше испратена на денешната презентација на извештајот на ОБСЕ, од каде истражуваа каква е состојбата со родово базираното насилство во земјава.

Срамот, недовербата кон услугите и недоволното сфаќање за тоа што претставува насилството се клучните причини зошто жените жртви на насилство, не ги пријавуваат ваквите инциденти кај надлежните институции. Ова го покажува најновото истражување на ОБСЕ, според кое само 2 проценти од жените кои биле жртва на насилство од својот интимен партнер, го пријавиле тоа во полиција. Документот кој беше презентиран денеска, покажува дека само 12 проценти од жените се многу добро информирани за тоа што да прават во вакви случаи.

Заклучоците во истражувањето се направени врз основа на одговорите добиени од 1910 жени на возраст од 18 до 74 години кои биле интервјуирани во периодот од април до август 2018 година.

Речиси половина од жените што биле анкетирани веруваат дека домашното насилство треба да се реши внатре во самото семејство и дека е приватно прашање – посочи специјалната советничка за родови прашања , Амарсана Дарисурен.

„Јасно е дека не можеме да се бориме против она што не го разбираме. Истражувањето ни дава јасен увид за штетните практики, норми, ставови, но и за причините зошто жртвите не го пријавуваат насилството кај соодветните институции. Родово базираното насилство не е индивидуален проблем, туку социјален. Се наоѓа во коренот на сите родови прашања, поврзано е со идеологијата на мажите, потребата да се прикаже машката контрола и да се казни се’ што се смета за неприфатливо женско однесување. Дискриминацијата над жените мора да се смени, но суштинските причини се вкоренети во нашата ментална матрица.  Истражувањето на ОБСЕ покажа дека скоро половина од жените што биле анкетирани веруваат дека домашното насилство треба да се реши внатре во самото семејство и дека е приватно прашање“, истакна таа.

„Приближно една третина од жените, односно 37 проценти сметаат дека нивните пријателки би се согласиле дека жената треба да го слуша мажот дури и кога не се согласува, а 32 проценти веруваат дека е важно мажот да покаже кој е шефот“, додаде Дарисурен.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која порача дека жените и девојките треба да бидат безбедни како во јавниот простор така и во домовите, за да придонесат за општествен развој:

„Се надеваме дека новиот Закон за родово заснованото насилство ќе се усвои до крајот на годината, со што ќе има и пресуди за предмети што се однесуваат на ова насилство. Насилството врз жените го засега целото општество. Ги повикувам сите мажи и момчиња да се ангажираат да се постигне родова еднаквост. Сите треба да се заложиме за нулта толеранција за родово заснованото насилство“.

Премиерот Зоран Заев, пак, тврди дека се посветени на елиминирање на сите форми на насилство.

„Работиме на јасни и недвосмислени законски решенија со кои се штитат жените жртви на насилството.Во октомври лани го усвоивме Акциониот план за спроведување на Истанбулската конвенција. За првпат е отворен и центар за жртви на сексуално насилство. Насилството врз жените не е само женско прашање, туку прашање кое се однесува на секој еден од нас. Мора да работиме заеднички, тоа е процес кој е долг, но верувам дека резултатите ќе бидат подобри“, изјави тој при денешната презентација на наодите.

Во домашното законодавство и понатаму не постои сеопфатна законска рамка за регулирање на родово базираното насилтво. Предлог законското решение го изготвува Министерството за труд и социјална политика, во консултации со граѓански организации, кои бараат во него да има посебна глава за семејното насилство бидејќи тоа е најраспространетиот облик на родово базирано насилство.

 

Вања Мицевска

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]