Вести Македонија Сообраќаен Сервис

Посебен сообраќаен режим во Скопје за Велигден

Посебен сообраќаен режим за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје и општините Ѓорче Петров и Аеродром ќе биде воведен денеска и утре по повод празникот Велигден.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека денеска  од 18 часот, па се’ до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени булеварот „Партизански одреди” од крстосницата со улицата „Аминта Трети” до крстосницата со булеварот „ВМРО”, и булеварот „Свети Климент Охридски” од крстосницата со булеварот „Илинден” до крстосницата со улицата „Димитрие Чуповски”.

Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев” им се менува трасата на движење при што ќе се движат по булеварпт „Илинден” и преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”, додека автобусите што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по улицата „М.Т.Гологанов” па преку улицата „Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на булеварот „Партизански одреди”. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.

Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле” десно по булеварот „Партизански одреди”, десно по улицата „Ѓорче Петров”, лево по улицата „Васил Чакаларов”, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон” по улицата „Демир Трајко” и лево по улицата „Васил Чакаларов” до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.

 

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]