Вести Македонија ММС-Стории

Крвавиот Велигден 1903: Во седум обрачи се стегнале аскерот и комитите на Готен во Малеш

 

Многу жртви паднале и од десетината чети со околу 300 комити и од значително помногубројниот аскер, четите во студената ноќ успеале да се пробијат, а за оваа битка, една од најкрвавите пред Илинденското востнание, се знае многу малку, иако останале и писмени сведоштва, како едно од војводата Христо Чернопеев, како и од учесниците-Малешевци, објавени во неколку монографии за Владимирово и за Малеш

Пишува: Љупчо Шатевски

Велигденската битка, Крвавиот Велигден, Битката на Готен, Готенско муарабе – се имињата под кои е позната една од најкрвавите битки на три-четири месеци пред Илинденското востание. Десетина чети со околу 300 комити и значително помногуброен аскер се судриле во Малеш, во големата битка од април 1903 година, на Велигден. Прво аскерот сардисал и опколил неколку комитски групи, на кои на помош постепено почнале да им доаѓаат други комитски чети што во тој период биле во Малеш. На аскерот, пак, му пристигнувале засилувања од Владимирово, Берово, Радовиш, Струмица. Кој како ќе стигнел го опколувал другиот, па бојот се водел и со тие пред и со тие што доаѓале од зад грб. Многу жртви и ранети имало на двете страни, а комитските чети по долгата битка успеале да се пробијат. Битката се водела на планинскиот масив Готен, во атарот на беровско Владимирово, на дваесетина километри од селото во правец на радовишко Смиланци, село, исто така, главно населено со Малешевци, во ненаселен предел и тогаш и денес, во кој има само по некоја сточарска колиба.

Најкаректиристична битка во предилинденскиот период

– Освен што е една од најголемите и најкрвавите, битката на Готен е и најкарактеристичната во предилинденскиот период. Прво, поради жестокоста – аскерот и комитите меѓу себе се стегнале во седум обрачи, прстени, а второ и поради тоа што првпат заедно на иста страна војувале централистички и врховистички чети, зашто во судирот се вклучила и четата на врховистичкиот војвода Никола Лефтеров. Затоа народот таа голема битка ја нарекол и Готенско муарабе, според турскиот збор мераба – здраво, а во преносна смисла и подадена рака – вели Ѕвонко Скендерски, историчар од Берово.

Ѕвонко Скендерски

За битката има малку официјални историски податоци. Тие потврдуваат дека во крвавиот судир учествувале десетина комитски чети, од кои дел претходно ја преминале границата со Бугарија, а некои подолго делувале во тој крај. Во битката учествувале четите на Христо Чернопеев, Коста Мазнејков (Радовишко), Питу Гули (Крушевско), Никола Дечев (Велешко), Тимо Ангелов (Тиквешко), Ванчо Мицков (Кичевско), Кондов (Прилепско)… Вкупно имале околу 260 борци, плус четата на Лефтеров со, според едни, 36, а според други извори со 60 четници. Според најчестите податоци, османлиите во битката имале 250 мртви и ранети, комитските чети дале 25, според други извори четириесетина жртви, а имало и ранети. Загинале многу млади и неискусни борци, најчесто ученици и студенти, кои дошле со четите од Бугарија, во кои, освен Македонци, имало и Бугари.

Изворните сведоштва на Христо Чрнопеев  

Најизворното сведоштво за крвавата битка на Готен е тоа на војводата Христо Чернопеев. Неговите спомени, во книга со сеќавања и на други револуционери од тој период, во 1927 година во Софија ги објавил Љубомир Милетич (1863-1937), роден штипјанец, кој меѓу двете светски војни бил ректор на софискиот универзитет и претседател на Бугарската академија на науките. Во спомените, Чернопеев наведува дека во Македонија од Бугарија влегле две седмици пред Велигденската битка.  Ги поминале речиси во континуирано војување.

„Имаше силно гонење од Бугарија кон мене и другите, па границата ја минавме дење кај селото Саса. Таму во колиби останавме четири дена, додека да се подобри времето. Бевме околу 190 души. Со нас беа четите на Коста Мазнејков, Никола Дечев, Тимо Ангелов, Ванчо Мицков, Кондов. Битолчани се одвоија и заминаа во Битолско. Останавме 130 души, заедно со кочанската чета на Делчо Коцев, која ни` беше спроводник низ Осогово. На Велики вторник се утврдивме кај селото Лески на Плачковица бидејќи не` беа забележале некои ловџии. Во близина имало и аскер, па почна битка. Дојде аскер и од Виница и од Кочани. Ни` го пресекоа патот. Ги изгонивме од два рида, но останаа на третиот, највисокиот. Битката траеше долго. Загубивме четворица борци, а еден беше ранет. Ноќта се повлековме“, запишал Чернопеев.

Следниот ден се поделиле. Тргнале во два правца. Четите на Мазнејков и Дечев во еден, а Чернопеев со своите преку Малеш за Струмичко. Два-три дена биле гладни, без храна, бидејќи Турците насекаде поставиле заседи. На Велипеток нашле брашно во две воденици. Зготвиле качамак. Следниот ден пристигнале во Малешевско. Жители на Владимирово им донеле храна. Тогаш, на Велика сабота, дознале дека Мазнејков и Дечев по патот биле окткриени, па и тие дошле во Малеш, а по нив и аскерот.

„На Велигден Турците ги нападнаа. Бевме на час и половина растојание. Со 30 души се упатив да помогнам, а другите останаа да ни` го чуваат грбот. Во близина бил и Лефтеров, кој беше човек на Цончев, но и тој дојде да помогне. Го удривме аскерот од зад грб и ги ослободивме нашите, кои веќе беа дале пет-шест жртви. Но, дојде друг аскер и удри во грбот на Лефтеровата чета. Во исто време, припукаа и нашите што останаа да го вардат нашиот грб. Пак се вратив да помогнам. Додека да пристигнам, веќе беа загубени седум момчиња, нападнати од зад грб. Лефтеровата чета, пак, беше разбиена на два дела. Тринаесетмина дојдоа кај нас, а самиот Лефтеров со уште неколкумина заминале на страна. Од неговата чета загинаа 11 души. Жестоко се боревме до вечерта, а ноќта се пробивме“, раскажал Чернопеев.

Чернопеев (лево) на средба со жители на Владимирово половина година пред Готенската битка

По долготрајната битка, која се водела на многу студено време и по заостанат снег во планината, четите успеале да се пробијат и продолжиле главно кон местата каде што планирале да одат. Чернопеев во Струмичко, Мазнејков во Радовишко, Лефтеровата се вратила во Бугарија, Питу Гули со четата заминал во Крушевско, каде што останал до Илинденското востание… Речиси сите воделе жестоки битки и до Илинден, во кои повеќемина комити и војводи загинале. Меѓу нив и Коста Мазнејков. Тој на 11 мај 1903 година загинал со уште десетмина соборци од Радовишката чета кај радовишкото село Дедино во целодневна битка со османлиската војска. Во неговата чета имало и три радовишки учитетелки – Зуица Кукутанова, Екатерина Иванова и Елена Христова, чии подвизи тогаш се нашле и во европски весници.

За бомбите на комитите аскерот мислел дека се топовски гранати

За битката на Готен има пишувано во неколку монографии за Владимирово и Малеш, врз основа на сеќавања и сведоштва на учесници во битката и на селани од тој крај. Симеон Левенски ги запишал сеќавањата на својот дедо Ефтим Левенски, кој бил во четата на Крсто Асенов, која на Велигден 1903 била во колибата на Јованчо Созовски во месноста Ретко Дабје, недалеку од Готен.

„Само што почна да се за зорува, додека нашата чета уште спиеше, во колибата, не` разбудија силни експлозии. Беше јасно дека доаѓаат од Готен. Веднаш тргнавме. Претпоставувавме дека е нападната наша чета, централистичка. По еден час одење, стигнавме и видовме дека во Смиланската колиба е опколена чета, за која потоа разбравме дека е на Коста Мазнејков. Занесени во битката, Турците не забележаа дека и тие се опколени од нашата чета. Потоа им дојдоа засилувања. Но, и сите наши чети што беа во планината разбраа што се случува, па доаѓаа на помош. Дојде и врховистот Кољо Лефтеров, иако долго размислувал, но победила солидарноста, па во битката се вклучи и неговата чета, со која претходно имавме непријатни средби, па и жестоки судири. Потоа дојде и Чернопеев со своите… Околу Смиланската колиба се затворија седум обрачи од Турци и комити“, раскажал Ефтим Левенски.

За Готенската битка пишува и учителот од Владимирово и хроничар на Малеш, Пано Фичорски (1916-2002), во својата книга „Владимирово, село на учени луѓе“, објавена во 1992 година.  Истакнува дека четите на Мазнејков и Дечев дошле пред Велигден. Владимирецот Спасе Рабаџиски ги одвел на Готен и ги сместил во Смиланската колиба, каде што требало да го пречекаат Велигден. Вечерта им се приклучиле и малешевските војводи и четници Христо Котрулчето, Нико Зифовски, Јован Пачемски, Ристо Стамболиски, Странџата од Ратево… Се собрале повеќе од сто души четници и војводи. В зори, само што станале да го направат адетот со црвени велигденски јајца, однадвор припукале пушки. Ноќта биле опколени од беровскиот и владимирскиот аскер. Почнала крвава битка. Мазнејков со себе носел бомби од бобмолеарницата кај осоговското село Саблер. Фрлале врзани по неколку, па Турците во почетокот мислеле дека во планината комитите довлекле топ. На опколените комити, на помош почнале да им доаѓаат другите комитски чети што биле во близина.

„Во близина бил и врховистичкиот војвода Лефтеров, кој, според кажувањето на дедо Ефтим Манчовски, во чија колиба била сместена неговата чета, долго размислувал дали да помогне или да го напушти теренот. На инсистирање на повеќемина четници, било одлучено да им се помогне на опколените централисти. Со четата пристигнал и го опколил аскерот што во обрачот ги имал комитите. Набрзо стигнал радовишкиот аскер, кој ја опколил Лефтеровата чета. Па, дошол Чернопеев со другите чети што биле со неговата и од месноста Гола Глава го опколиле радовишкиот аскер. Нив, пак, потоа ги опколил струмичкиот аскер, кој, пак, потоа бил опколен од четата на радовишкиот војвода Ристо Стаменов… Битката, во која комитите и аскерот се затвориле во седум обрачи, траела и на вториот ден Велигден“, запипшал Фичорски врз основа на сеќавања на учесници во битката и на тогашни жители на Владимирово.

Загинале или биле ранети и повеќемина малешевски четници и војводи     

Во Битката на Готен загинале или биле ранети и малешевски четници и војводи, од кои повеќемина вечерта пред Велигден дошле во Смиланската колиба. Меѓу нив, како што пишува Пано Фичорски, биле и војводата Христо Андонов Котрулчето и комитата Нико Зифовски.

Четата на војводата Христо Котрулчето

„Котрулчето бил ранет во ногата. При пробивот се скрил во месноста Синивер. Нико залегнал до една дебела бука во месноста Огнаница и таму се притаил додека да се повлечат Турците. Но, за негова несреќа, тие токму таму решиле малку да одморат. По одморот, трубачот на аскерот дошол на неколку метри од него и почнал да свири, за да означи оти е време за тргнување. Но, Нико помислил оти трубачот го видел, ја зел пушката и го застрелал в лице трубачот. Турците припукале од сите страни и така го убиле бестрашниот Нико Зифовски. Таа бука и денес се вика Никова бука, а месноста Ников гроб“, пишува Фичорски.

Во бојот бил убиен и командантот на беровскиот аскер. Неговиот коњ три дена по битката трчал со ергелето на Јован Дамјански од Владимирово, а владимирците Глигор Алачки и Алекси Постоловски, кои биле во своите колиби, три дена попусто се обидувале да го намамат со зоб, за да му ги симнат седлото, уздата, узенгиите. По Велигденската битка, според Пано Фичорски, имало повеќе одмазднички чекори кон жителите на Владимирово, село во кое во 1900, по убиството на селскиот коџобашија, била отворена касарна, во која имало постојана чета од сто души аскер, која во 1909 била запалена од селаните.

Подзаборавените спомени на Готенската битка почнаа да се освежуваат пред неколку години на Илинден, празник што со децении се слави во селото Владимирово, а последниве години по тој повод се организираат и веќе траиционалните неколкудневни „Владимирски илинденски средби“, во чии рамки пред три години првпат организирно беше посетено местото на Велигденската битка на Готен. Оттогаш тоа е традиција, па секој Илинден на Готен, каде што уште се гледаат остатоците од Смиланската колиба, има историски час, а редовно на звуците од зурлите и тапаните се заигрува и „Готенското муаребе“.

Секој Илинден во чест на комитите на местото на Готенската битка се заигрува Готенското муаребе

 

 ОД ГОТЕНСКАТА БИТКА ПРОИЗЛЕГЛО МАЛЕШЕВСКОТО ОРО

Големиот број загинати и ранети Турци во Готенската битка со коли на воловска запрега биле пренесувани преку Владимирово во Берово. Берово било во молк, а христијаните стравувале од одмазда.

– Некои храбри и видни беровци, Македонци, се осмелиле тој ден да ги повикаат ратевските зурлаџии и тапанџии да дојдат на таканаречениот Цигански Рид што ги дели Берово и Ратево, да засвират едно оро, полно со тежок ритам, што ќе ја симболизира тешката победа, зашто веќе се расчуло дека комитските чети се пробиле. За цена не прашувале. Иако со страв, ратевските музичари прифатиле. Орото го почнал виртуозот Кантур Дестановски, чие семејство со генерации до денес се познати зурлаџии и тапанџии. Музиката одекнувала и во Берово, а на ридот се заиграло. Така настанало „Готенското муарабе“, основата на денешното Малешевско оро. Се свири на речиси сите манифестации во Малеш, а често весели гости знаат да поканат зурлаџии и тапанџии за да им го засвират и во кафеана – истакнува историчарот Ѕвонко Скендерски.

Тапанот на чии звуци било играно орото на Велигден 1903

 

Во Музејот во Берово се изложени неколку стари зурли и тапани, а Скендерски вели дека еден од двата изложени тапана највројатно е еден од тие со кои првпат било засвирено орото во април 1903 година. Музејот тапанот го откупил од Милаим Дестановски, правнук на Кантур Дестановски, кој сега е музичар во Детроит, САД.

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]