Вести Македонија

Бугарите ги испразнија тезгите во Делчево во пресрет на Велигденските празници

Квалитетни производи, разновидна понуда и поевтини цени. Ова се само дел од причините поради кои тезгите на градскиот пазар во Делчево и денеска беа преплавени од бугарски државјани, кои годинава купуваа масовно во пресрет на Велигденските празници.

– Обично ние Велигден го славиме порано од вас, но оваа година празникот се совпаѓа и во двете држави. Затоа го искористивме денот да дојдеме во Делчево и да си купиме нешто за да ја збогатиме велигденската трпеза. Имате квалитетна понуда и ќе одбереме од се по нешто, вели бугарскиот државјанин Иван Христов Календерски.

За Бугарите веќе не важи забраната за внесување на јајца, па затоа како што вели делчевецот Спаско Спасев, најголема потрошувачка денеска имаше на велигденски јајца кои се продаваа по цена од 100 до 180 денари за табла јајца.

– За среќа денеска имавме добар ден кога е во прашање продажбата на јајца за Велигден, бидејќи гостите од соседството беа најчести купувачи. Сега веќе не им забрануваат внесување на јајца на граница, така што очекуваме и во иднина поголема потрошувачка, вели делчевецот Спаско Спасев.

Дел од бугарските државјани за претстојните празнувања веќе ги резервираа туристичките капацитети, што значи дека Делчево и оваа година ќе биде еден од најпосетените места од туристите од соседна Бугарија за претстојните Велигденски празници.

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]