Image default
Вести Македонија

Владини функционери поседуваат акции во големите компании

  • Во изјава за СКУП, министерот Шапуриќ вели дека неговиот удел во наведените компании е незначителен.
  • Министерот Адеми, поседува акции во текстилна индустрија, Царовска пријавила акции на нејзината мајка, Анѓушев мнозински акционер во „Фероинвест“ за премиерот Заев со акции на име на неговите родители.
  • Од ДКСК се повикуваат на член 45 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Пишува: Ангела Рајчевска и Бјанка Станковиќ

Освен функцијата, добар дел од актуелните владини функционери се сопственици или поседуваат акции во познати компании и друштва во земјата. Гранит, Бетон, Макпетрол…се најдоа помеѓу субјектите каде што актуелните министри имаат удели. Истражувањата на СКУП за имотите на државните функционери во рамките на проектот ПЕП, дојде до листата на министри кои имаат акции и истите ги имаат пријавено во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

МИНИСТРИ АКЦИОНЕРИ

Зоран Шапуриќ, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, поседува најмногу, односно 990 акции и тоа во: Гранит – 30 акции, Телеком – 150 акции, ЗИК Пелагонија – 10, Жито Лукс – 60, Тетекс – 25, Макстил – 190, Алкалоид – 15, РЖ Услуги – 90 како и во ТТК Банка – 50, Стопанска банка – 350 и Комерцијална банка – 20.

Во изјава за СКУП, Шапуриќ вели дека неговиот удел во наведените компании е незначителен.

„Сите акции освен на Комерцијална банка се купени во период 2007 – 2009. Сите овие акции се под 0,0000…1 од вредноста на компаниите, па така, немам никаква можност да учествувам, на кој било начин и да влијаам на какво било одлучување“, вели Шапуриќ.

КАДЕ ИМААТ АКЦИИ РОДИТЕЛИТЕ НА ПРЕМИЕРОТ?

Премиерот Зоран Заев има пријавено акции на неговите родители во вредност 12.000.000 денари. СКУП испрати прашања и до неговиот кабинет за да појаснат за каде се однесуваат акциите, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, исто така, поседува акции во текстилна индустрија. На прашањето на СКУП за каде се однесуваат акциите наведени во неговата имотна листа, од министерството одговорија: „Акциите кои се наведени во анкетниот лист за имотна состојба, се од „Кожарско Преработувачки Комбинат – Куманово“.

Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика,  пријавила акции кои се во сопственост на нејзината мајка: „Дел се во винарската визба Попова кула, а дел во Комерцијална банка“, изјавија од кабинетот на Царовска.

Кочо Анѓушев, заменик претседателот на владата, кој е задолжен за економски прашања и за координација со економските ресориима 80% удели во компанијата „Фероинвест“.
Ова име и е познато на јавноста откако во 2017-та година, фирмата доби тендер од 2,6 милиони евра во државната компанија ЕЛЕМ за набавка на гумени транспортни ленти за РЕК Битола, кој подоцна беше поништен. Тогаш, вицепремиерот во емисијата „Топ-тема“ на телевизијата „Телма“, појасни дека тендерот бил распишан во февруари уште пред да се знае дека тој ќе биде дел од новата влада.

Новинарите пишуваа и за фирмата „Макинвент“ која е поврзана со „Феро инвест“, односно се во партнерски односи.

Во врска со уделите кои се однесуваат на сопругата на вицепремиерот, од ПР службата на Анѓушев, изјавија:

„Уделите се во компанијата „Офис рент“, која е основана да стопанисува со дел од деловниот простор на управната зграда и се занимава со издавање на недвижности.“

Неодамна порталот Лидер објави дека 458-те акции кои министерот Венко Филипче ги поседува се во 4 компании, од 2008 година без промена и тоа во: „Макстил“ АД, ДГ „Бетон“ АД, ГД „Гранит“ АД и „Макпетрол“ АД.

ИМА ЛИ СУДИР НА ИНТЕРЕСИ?

Во член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси е пропишано дека „избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“.

Од ДКСК се повикуваат на член 45 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси во кој се вели: „Лице кое стапува на функција на избрано или именувано лице, со исклучок на лицата кои стапуваат на функција која не се извршува професионално, доколку управува со трговско друштво или установа како сопственик, e должно пред да стапи на функцијата управувањето да му го довери на друго лице или тело, освен на членови на неговото семејство, за времето на вршењето на функцијата, јавните овластувања или должности“.

Од ДКСК дополнуваат дека до сега немаат покренато случај за конфликт на интереси од ваков карактер и дека ќе преземат навремени мерки доколку дојде до тоа.

 

Извор:СКУП

Преземено од:

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]

Поврзани вести

Седница за интерпелација на Спасовски

Општина Охрид утре ќе избира в.д. градоначалник

Кире Андонов

Астронаут од Меѓународната вселенска станица настапи на концерт на Крафтверк (видео)

Кире Андонов

Папа Франциско: Новиот глобален Договор на ОН да се насочи кон солидарност со мигрантите

Вања Мицевска

По 9 часа борба со брановите и ветерот, тинејџерот Марко го преплива Охридското Езеро

Вања Мицевска

Тројца исчезнати во невремето во Шпанија

Трајче Гогов