Image default
Вести Македонија ММС-Стории

Од потресот кај Пехчево се гинело дури до Солун – 115 години од најсилниот земјотрес на Балканот

Земјотресот со епицентар помеѓу Пехчево и Кресна, што се води како најсилен на Балканот и еден од најсилните во Европа откако се вршат современи мерења, се случил во претпладневните часови на 4 април 1904 година, предизвикал големи штети во радиус од 40 километри од епицентарот, од него бил оштетен и Рилскиот манастир, а еден загинат имало дури и во Солун, но, сепак, бидејќи на најсилниот потрес тој ден му претходел еден нешто помал, па луѓето пред најсилнот удар веќе биле излезени од домовите, бројот на загинатите во најпогоденото подрачје е релативно мал за толку силен земјотрес

Пишува: Љупчо Шатевски

Топол пролетен, но и пазарен ден во Пехчево бил тој 4 април 1904 година (несекојдневно совпаѓање – 04.04.1904). Градот тогаш имал 4.100 жители (1.000 повеќе од сега) и бил административен центар на Малеш и Пијанец. Со оформена чаршија, со конак, амам, анови, саат-кула, аптека, касарна, џамија, црква, со многу дуќани… Доаѓале трговци дури од Цариград и од Солун, па некои гратчето го викале и мал Стамбол. На пехчевскиот пазар во претпладневните часови метеж од луѓе. Никој не претпоставувал дека во тие моменти ќе се случи голема елементарна непогода, катаклизмичен земјотрес.

Хаос на пехчевскот пазар – се’ паѓало, се’ се уривало

Хаосот на пазарот почнал уште пред луѓето да почувствуваат било што. Првин почнале силно да мукаат кравите, да скокаат и да бегаат магарињата и коњите, потоа почнале да се уриваат тезгите, да паѓаат дрвја… Настанала голема паника меѓу луѓето. Сите трчале таму-ваму. Бегале, иако немало каде да се избега. Се’ паѓало, се’ се уривало.

– Мојата баба по мајка беше од беровско Смојмирово, село помеѓу Пехчево и Берово. Во општиот метеж во тие моменти на пехчевскиот пазар, таа во паника и во трк се упатила кон Смојмирово. Во едната рака ја држела врвката од својата фута мислејќи дека тоа е ортомата од нејзиниот коњ. Дури по пет километри, кога дошла на влезот на Смојмирово, забележала дека тоа е врвката од футата, а не ортомата од коњот, кој останал некаде во Пехчево – и денес се сеќава на она што му го раскажувала баба му Илија Галазовски, 64-годишен правник од Пехчево.

Остатоци од урнати објекти во Пехчево има и денес (лево) и куќа градена пред земјотресот што се распаѓа од забот на времето

Ова се дел од малку познатите фрагменти за апокалиптичниот земјотрес во Пехчево пред точно 115 години. Се смета како најсилен земјотрес на Балканот и еден од најсилните во Европа откако се вршат современи мерења. Имал интензитет од десет степени по Меркалиевата скала и магнитуда од 7,5 по Рихтер, па бил многу посилен од, на пример, скопскиот во 1963 година. Епицентарот му бил во Малеш, помеѓу Пехчево и Кресна, која сега е на бугарска територија, кај селото Крупник.

Земотресот регистриран во 54 сеизмолошки станици во светот, дури до Осака

„Во ова епицентрално подрачје се случил земјотрес со досега највисоката набљудувана локална Рихтерова магнитуда на копнениот дел на Балканскиот Полуостров. На 4 април 1904 година во 10 часот и 12 минути во епицентралното подрачје Пехчево – Кресна започнала серијата силни земјотреси. За 23 минути се случиле четири земјотреси со локална Рихтерова магнитуда поголема од пет, меѓу кои најсилниот со магнитуда Ml=5 и интензитет во епицентарот I0=Х степени според Европската макросеизмичка скала. Истата година, во април и во август, имало уште три земјотреси со магнитуда поголема од пет, а во септември и во октомври 1905 уште два такви земјотреса. Главниот земјотрес бил регистриран во 54 сеизмолошки станици ширум светот – дури и во Осака, Јапонија, а првиот од серијата од четири земјотреси на 4 април 1904 година во 47 станици. Пехчевско-кресненскиот земјотрес бил широко почувствуван во целиот  регион – Софија, Солун, Битола, Скопје, а за него пишувале сите тогашни весници во регионот“, пишува во објавен труд на експерти од ИЗИИС, Сеизмолошката опсеравторија на ПМФ на УКИМ и од Факултетот за природни и технички науки на УГД.

Изненадувачки е што на толку силен земјотрес во Пехчево загинале релативно малку луѓе – 12 во градот и 38 во околината, а стотина биле повредени. Се смета дека среќна околност во големата несреќа е што времето било убаво, луѓето биле излезени, а и оние што останале дома исплашени излегле по првиот од четирите големи потреси, па за најголемиот удар речиси сите биле надвор. Затоа и повеќето од загинатите биле од првиот, послабиот потрес.

Ретко кој во Пехчево денес знае нешто повеќе за земјотресот. Последните живи сведоци починале пред 25-30 годни. Како најверодостоен извор пехчевци го посочуваат денес 95-годишниот пехчевски хроничар Димитар Веселински, кој е роден во 1924, 20 години по земјотресот, но ги евидентирал сеќавањата на татка си, на своите чичковци и тетки, кои имале по десет, 15 или 20 години кога се случил земјотресот, и на своите дедовци и баби. Со него разговаравме пред пет години, на 110-годишнината од земјотресот.

Димитар Веселински (лево) и Илија Галазовски (десно)

Куќите од дрво и плет спречиле поголема трагедија

– Силно се тресела земјата, се слушнал застрашувачки татнеж. За среќа, речиси сите луѓе биле во дворовите, по авлиите, на нивите, на пазар. Ретко кој бил во куќите. Среќа во несреќата е и што најмногу куќи биле изградени од дрво и плет, па само се накривиле и им паднале ќерамидите и оџаците. Куќите градени од тула се урнале. Силниот земјотрес целосно ги срамнил со земја многубројните високи оградни ѕидови од камен на дворовите и авлиите. Токму тој сплет од среќни околности придонел бројот на загинати на толку силен земјотрес да биде минимален. Од ова маало загинала само една жена, која плетела потпрена на ѕид од православната црква. Од потресот паднале токму тој ѕид и камбанаријата, па ја затрупале – ни’ раскажуваше Веселински.

Слично зборуваше и д-р Тодор Делипетров, долгогодишен професор на Факултетот за природни и технички науки во Штип, кој претходно има магистрирано и инженерска сеизмологија.

– Во Македонија имало многу силни земјотреси и пред 500, 1.000 години, но каков бил нивниот интензитет можеме само да претпоставуваме, бидејќи тогаш немало мерења. За овој во Малеш се знае. Среќа е што Пехчево и малешевскиот регион биле ретко населени, се живеело главно во приземни градби од дрво и плет, кои се најотпорни, се деформираат, но не паѓаат, а немало ни бетонски плочи, па немало многу човечки жртви на толку силен земјотрес. Ако сега се случи таков земјотрес, и покрај сета асеизмичка градба, ќе има сериозни последици – вели Делипетров.

Куќи од пред земјотресот стојат и денес и во центарот на Пехчево

Исчезнал геотермален извор кај Пехчево, водата се појавила кај Сандански

Пехчево тогаш имало околу 1.200 куќи, од кои речиси три четвртини биле муслимански (на Турци или на исламизирани христијани, кои зборувале македонски јазик на малешевски дијалект).

– Имам слушано дека кај Македонците-христијани имало тројца или четворица загинати. Начинот на градба помогнал да се избегне многу поголема трагедија. Дел од тие куќи од пред земјотресот стојат уште. Повеќето се на приземје, некои имаат и кат, градени во стар стил. Некои се распаѓаат, други се користат како помошни простории, но има и такви што се реновирани и претворени во убави објекти во кои и денес се живее. И ние имаме една таква куќа на приземје и кат, купена по земјотресот, која сега се користи како остава. Останаа и некои приказни и легенди за земјотресот. Според една, кај Пехчево имало геотермален извор, кој по земјотресот исчезнал. По извесно време, водата од него избила дури кај Сандански – раскажува Маноил Стефановски, археолог од Пехчево.

Реновирана куќа од пред земјотресот во која и денес се живее

Во земјотресот целосно или делумно биле уништени сите јавни објекти во Пехчево. Настрадале и двете стражарски кули и целото јужно крило на затворот (апсаната), амамот и анот покрај него биле срамнети со земја. Земјотресот силно бил почувствуван и направил штети и во околните села и градови во радиус од 40 километри, како Берово, Делчево, Блатец, Сушица, Габрово, Ратево, Тработивиште, Разловци, Град, Стамер, Звегор, Виничко, Кочанско, струмичко Ново Село… Големи штети и жртви имало и во пиринскиот крај – Благоевград, селата Крупник, Извориште, Церово, Брежани, Тросково… Сериозно оштетен бил и Рилскиот манастир, кој е на 35 километри од Кресна. Штети биле регистрирани дури и до Солун, каде имало и загинат во тогашното Српско училиште од паднат корниз при потресот.

– Стравот од силниот земјотрес во 1904 траеше долго. Во Негрево во 1948 година од Егејска Македонија донесоа деца-бегалци од Граѓанската војна во Грција. Требаше да живеат во нашето село. Но, тогаш се запали едно мало мочуриште крај Негрево, па се исплашивме тоа да не е предзнак за некој нов силен земјотрес. Заради превентива, надлежните ги преселија децата во друг крај на Македонија – раскажуваат постари жители на пехчевското село Негрево.

НАКРИВЕНИТЕ КУЌИ ГИ ИСПРАВАЛЕ СО ЈАЖИЊА, ГРЕДИ, ЛОСТОВИ

Долго по големиот потрес пехчевци живееле и ноќевале под отворено небо во дворовите и авлиите. Во куќите не влегувал никој зашто по големиот од 4 април, имало уште многу потреси. Турската власт во 1904 година немала организиран начин на помош за населението. Поради големите штети на јавните и верските објекти, на мостовите и на патиштата, властите презеле административни мерки – ослободување од данок и кредитирање преку тогашната Земјоделска банка.

Обновата на куќите и имотите на населението главно била врз основа на роднинско-пријателска солидарност. Луѓето се снаоќале како што знаат и умеат. Накривените куќи од дрво се исправале на специфиен начин – со јажиња, греди, лостови… Многумина тогаш и се иселиле од Пехчево и од најпогодениот регион.

Преземено од:

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]

Поврзани вести

Поради сообраќајка блокиран патот Охрид-Ресен кај Буково

Габриела Додевска

Се урна беспилотен авион во Грција

Трајче Гогов

МТСП: Жената од станот во „Скопјанка“ не е социјален случај

Трајче Гогов

Сообраќајна незгода во Прилеп

Автобус влета на фрекфрентна улица: Пет лица загинаа, а 21 лице е повредено

Габриела Додевска

Отворено повеќенаменско спортско игралиште во Македонска Каменица

Моја Општина