Вести Македонија

Гасот во Кавадарци се очекува да стигне за неколку месеци

Од јули годинава реални се шансите Кавадарци да биде во ситуација да користи гас. Ова меѓу другото денеска го истакнаа претставниците на компанијата која го изработи идејниот проект за гасификација на градот, а кој беше презентиран пред кавадаречките советници.

Преку дистрибутивен центар со гас ќе се снабдуваат домаќинствата и останатите индустриски објекти. Објектите повисоки од 7 ката нема да можат да се гасифицираат на стандарден начин. Ќе биде изградена 22 километарска мрежа, а проектот за гасификација ќе ја чини општината два милиони евра.

Со воведување на гасот како енергенс, општината ќе има повеќе бенефити, а најважни се намалувањето на загадувањето на воздухот, поевтина енергија и добивање поголема енергетска ефикасност.

„Кавадарци е општина со една од најголемите територии во државата. Но истовремено мака мачи со загадувањето како проблем и е меѓу најзагадените во Европа. Само во градот има околу 20 илјади возила, рече претставникот на фирмата која го работеше идејниот проект.

Општина Кавадарци ќе основа Јавно претпријатие за вршење на енергетски дејности од јавен интерес од локално значење за општината и тоа  дистрибуција на природен гас, управување со системот за дистрибуција на природен гас и снабдување  со природен гас  на тарифни потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција на природен гас – стои во одлуката за гасификација што едногласно ја усвои советот на денешната седница.

Цената за приклучок на домаќинствата ќе се движи од 800 до 2500 евра.

Ангел Данов

 

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]