Вести Видео Култура

(ФОТО/ВИДЕО) Осум дена, Струмица во духот на „Струмички карневал 2019“

За карневалот во Струмица се смета дека е многу долга традиција. Тој бил споменат од страна на познатиот отомански патописец Евлија Челебија уште во 1670 година. Како тогаш, така и сега, Струмичани со нетрпение секоја година го очекуваат спектаклот под маски.

-„Одлично е, секоја година се подобро и подобро! Секоја година сум овде! Супер …“ се дел од коментарите на посетителите.

Годинава посетителите можеа да видат над две илјади маски, групни и поединечни. Дваесетина од групните маски беа гости од осум земји од Европа, а останатите беа сработени од вредните прсти на Струмичани кои повеќе од пет, шест векови ја негуваат оваа традиција.

„Се подготвуваме шест месеци, нашата маска се нарекува „На бишка џангарак“. Ова е стара Струмичка изрека која всушност укажува на тоа што и да облечеме, каков накит да ставиме – сите сме исти!“ ни откри Славе Ковачев од ООУ „Маршал Тито“ – Струмица.

„ Нашата маска оваа година е „Танцот на Каваутерите“ во која учествуваме сто и двајца. Инаку осум години по ред доаѓаме на „Струмичкиот карневал“ кажа Марија Трајчовска претставник од групата „Газели“ – Радовиш.

„Шест месеци работиме на маската „Медузи“, а пораката која ја испраќаме со неа е дека сите сме различни, но сепак исти “ вели Билјана Галева, наставник во ООУ „Маршал Тито“ – Муртино.

Драгица Гуџалова, претставник од групата „Кико стил“ ни откри дека нивната маска е насловена „Златна потковица“, која симболизира среќа. Како карневалска група која патува низ Европа, го оцени ова карневалско случување.

„Заслужува чиста десетка, сепак е наше“.

Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, а оваа година Канал 77 беше медиумски покровител на настанот.

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]