Вести Македонија

Свечена заклетва на 37-ма генерација војници на доброволно служење во Армијата

Свечена заклетва на доброволно служење во Армијата дадоа денеска 86 млади војници, меѓу кои шест девојки од 37-ма генерација во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, пред нивните родители, роднини, пријатели, претставници на Генерал штабот и на командите и единиците на Армијата.

Текстот на свечената заклетва го прочита командантот на ЦИО – Центарот за индивидуална обука, потполковник Мухамед Ибраими, а по него заклетвата едногласно ја повторуваа младите војници.Тие се заколнаа дека ќе ги бранат слободата, сувереноста, самостојноста и територијлниот интегритет на Република Северна Македонија и дека дисциплинирано,совесно и одговорно ќе ги извршуваат обврските како бранители на својата татковина.

Свечено дадената заклетва на младите војници им ја честита заменик на началникот на ГШ на Армијата, генерал мајорот Азим Нуредин.

– Влеговме во период на промени и нови почетоци,годинава нашето знаме се најде на масата на НАТО. Чекориме кон иднина како дел од семејството на Северно Атланската Алијанса. Но за да станеме полноправна членка, не чекаат предизвици и уште многу работа. Годинава имаме многу активности а една од нив е изборот на млади и храбри синови и ќерки за доброволно служење  на воениот рок, посочи Нуредин.

Тој потсети дека како и претходните, и оваа генерација ќе има можност за понатамошен професионален развој во воената струка и да ја одберат воената професија како животна определба.

Посочи дека носењето на униформата на Армијата е гордост и привилегија,но исто така и одговорност, хуманост и пожртвуваност. Како пример ја напомена неодамнешната тешка автобуска несреќа кај селото Ласкарци каде четворица војници на Армијата, применувајќи ги стекнатите вештини и знаења, со храброст и лично залагање навремено укажале помош при извлекување на настраданите.

– Досега нашите војници хуманата страна ја имаат покажано и при справување со шумските пожари, поплави и други катастрофи и непогоди и ние сме горди што имаме такви припадници на Армијата, потенцира мајорот.

МИА

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]