Вести Македонија Сообраќаен Сервис

РСБСП: Неколку практични совети за трудници – возачи

Постојат повеќе начини и различни ситуации во кои жената може да се најде како учесник во сообраќајот и да влијае на безбедноста во сообраќајот. Една од нив е улогата и однесувањето на жената како возач и мајка, соопшти Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Постојат низа специфики во однос на однесувањето на жената – возач и мајка во сообраќајот. Во одреден дел од својот живот, жените имаат потреба да бидат возачи или патници и покрај тоа што се наоѓаат во блажена состојба, односно бременост  – велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, од каде денеска посочија неколку практични совети за трудниците возачи.

Во ваква состојба, жената како возач мора да знае како да се однесува во сообрќајот и како да го заштитити своето бебе. Генерално, бебето добро е заштитено во мајчиниот стомак, но кога возите или патувате со автомобил, потребно е да направите сѐ што е во ваша моќ за да го заштититите доколку се случи сообраќајна незгода. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со корисни и практични совети наменети за идните мајки – возачи:

Положбата на седење зад воланот е првиот и најважен момент со кој секојдневно се соочуваат бремените жени – возачи. Кога се во блажена состојба, жените мора да знаат дека треба да заземат положба во која ќе бидат доволно оддалечени од управувачот, положба што ќе ги штити од евентуален удар на управувачот во стомакот, и нема да ја загрози можноста за безбедно управување со моторното возило. За сосема доволна и безбедна оддалеченост од волнот се смета растојанието од околу 25 сантиметри. Но, важна е и насоката на воланот. Затоа внимавајте воланот да биде во правец на градниот кош, а не во правец на вашиот стомак. Избегнувајте чести и мали судири и контакти на стомакот со волнот.

Положбата во која седи жената е од исклучителна важност, особено за жените со проблемтична бременост, односно положба на седење благо наклонета наназад е идеална за да се спречи континуирано притискање на матката и бебето. Така ќе бидете сигурни дека вашето бебе удобно се чуствува додека вие возите.

Обврската за користење сигурносен појас останува и покрај специфичната состојба во која се ноѓате. Она што е важно, е да внимавате појасот да биде правилно поставен. Тоа значи долниот дел од појасот да биде ставен под стомакот на колковите, но не и врз стомакот. Горниот дел од појасот треба да биде поставен над стомакот т.е. на клучната коска (помеѓу вратот и горниот дел од раката). Употребата на сигурносниот појас е во функција на ваша заштита и заштита на вашето бебе.

Не постојат директни ограничувња за тоа до која фаза од бременоста е дозволено да се управува со моторно возило, но сепак гинеколозите препорачувааат тоа да биде до 30 недела од бременоста, а ако возите на подолги дестинации да правите почести паузи.

Истражувањата направени од релевантни меѓународни организации покажуваат дека  доколку бремените жени седат правилно во седиштето зад воланот и безбедно се оддалечени од воздушните перничиња, тогаш во таква ситуации воздушните перничиња се во функција на поголема безбедност на мајката и бебето.

Во случај на сообраќајна незгода, бремените жени задолжително треба да посетат лекар дури и кога се сигурни дека не се повредени. Не е научно потврдено, но сепак некои студии покажуваат дека бремените жени кои учествувале во сообраќајна незгода се со повисок ризик за предвремено породување.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата препорачува бремените жени – возачи да се држат до наведените совети и пораки за поголема лична безбедност и за поголема безбедност на нероденото бебе.

 

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]