Image default
ММС-Стории

Со финансиска поддршка до медиумски архиви и подобри услови за локалните и регионалните медиуми

Извештаи, интервјуа, статии – стотици новинарски објави, кои ги пласирале домашните медиуми низ годините, од кои некои веќе згаснале, целосно се изгубени во заборавот на времето. Текстовите кои би можеле да поттикнат нови истражувачки приказни не се архивирани. Кој што кажал, кој што направил – податоците ги нема. Доцни ли Македонија во дигиталното архивирање? Паралелно се „докрајчуваат“ и пишаните материјали.

Во Универзитетската библиотека во Скопје постојат примероци од весниците кои  биле издавани и пред повеќе од дваесет години, но нивните страници се скинати.

„Одам во Универзитетска библиотека барајќи стари весници. Последниот пат барав нешто од првите денови кога Македонија се осамостоила и барав информации за министерски состанок во Софија. На насловна има малку, а страната во Нова Македонија ја немаше. Вработените ми рекоа дека место луѓето да препишат си ги кинат страниците. Тоа е единствениот примерок, од каде може нешто да се најде. А имало и такви фини граѓани кои го исекле само делот што им треба наместо цела страница“, раскажува Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Некогашниот уреник на дневниот весник Вест, а сега новинар во портарлот СДК, Горан Михајловски вели дека дури ни дигиталните објави не се архивирани,  а тоа според него значи дека е изгубено богатство.

– Нема архива од  А1 ТВ, Вест, Дневник и Утински весник. Не е достапна ни архивата на државната новинска агенција МИА. Државата која еве не сака да ги регулира овие „озбилни“ од „неозбилни“ медиуми треба да се ангажира како да ги прибере овие податоци. Замислете какво богатство е изгубено, кој што направил, како било кажано. А тоа е архива која дава основа за да може да вршиш истражување – смета Михајловски.

Филков пак, „прогнозира“ дека Македонија допрва ќе ги трпи последиците од бавното следење на технолошкиот развој, а најмногу од тоа ќе бидат погодени медиумите. Новинарите порачуваат дека државата треба да се заангажира за да ги сочува барем дигиталните податоци.

Финансии за активностите на сите медиуми, налик субвенциите за печатените

Сумата која би се издвоила за тоа, би била налик субвенциите за кои веќе е одлучено дека ќе се даваат како поддршка за печатените медиуми. Имено, се отвора прашањето за финансиска подршка на медиумските активности, со која меѓу другото, би се поддржало ваквото архивирање. Од Владата се расположени да разговараат на оваа тема, но сметаат на иницијатива на самите новинари. Тие пак, бараат одржливо решение, кое нема да и’ наштети на новинарската етика.

„Дел од тие субвенции треба да бидат наменети за архивирањето, барем да има ставка за сервери, за простор на интернет. Барем дигитално да сочуваме информаци, така мислам дека ќе се поттикне и истражувачкото новинарство“, порачуваат дел од новинарите.

Новинарот, Столе Наумов прашува колку сериозно Министерството за информатичко општество и администрација размислува на оваа тема:

„Се’ завршува со парите и со тоа што ќе се случи со одржливоста на редакциите, кои имаат демократски печат во едно општество. Тие се зборува последните години, дали може да се реализира поддршка која објективна основа ќе финансираат новинарство? Извори има, сме зборувале милион пати за тоа. Но дали се размислува сериозно во Министерството“.

Новинарот, Зоран Фидановски потенцира дека во светот постојат примери каде државата партиципира во медиумите. Сепак, за да функционира тоа овде, тој вели државата мора да најде пари и да ги насочи пред се’ за поддршка на локалните и регионалните медиуми.

Манчевски: Пари има, проблем е одржливоста

Ресорниот министер, Дамјан Манчевски вели дека не може веднаш да се поправат системските грешки кои постојат триесетина години. Пари има – тврди тој. Дебатата треба да се води во насока на одржливоста.

„Сме имале финансирање само со пари од донатори, но пазарот успеал сам да се одржи. Медиуми почнаа со странски пари, но станаа самоодржливи, а дел исчезнаа. Новинарската фела вели нема од каде, државата нека финансира. Да не заборавиме од каде дојдовме. Државата беше поддржувач на медиумите и и главен комерцијален огласувач. Ако се спомнеше ова пред година дена, веројатно тука ќе летаа чаши. Сега  имаме други ставови, други чувства. Пари може да се најдат. Пари може да се најдат. Ние во новиот закон се обидовме да најдеме баланс. Јас имам уплав да давам пари на медиумите. Не се толку проблем парите, туку критериумите врз основа на кои ќе се даваат парите на медиумите и за што би имале волја – дали за истражувачко новинарство, за локалните медиуми, за продукција, или за медиумите на помалите етнички заедници“, потенцира Манчевски.

Поповски ги прозва новинарите сами да иницираат државна поддршка

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски тврди дека се отворени за изноѓање форми како да се поддржат медиумите, особено локалните и регионалните кои тешко ги издржуваат пазарните услови.

„Петте национални телевизии имаа проблем со медиумскиот колач. Дел од нив беа навикнати на режимски пари и сега треба да се тркаат на пазарот. Локалните и регионалните медиуми се многу, но имаат голем проблем. Од тие причини, јас отворено при промоцијата на поддршката за печатените медиуми кажав дека сме подготвени да разговараме за фонд за поддршка на медиуми. За сите медиуми“, вели тој.

Фото: Архива

Поповски ги прозва медиумските работници сами да го иницираат ова:

„Предлогот мора да дојде од медиумските работници. Така и за печатените медиуми иницијативата дојде прво од ЗНМ. Потоа се формираше Здружение на печатени медиуми, дојдоа со конкретни предлози и дојдовме до решение со кристално чисти критериуми со колку средства и како ќе бидат поддржани печатените медиуми, односно нивните трошоци за печатење и за дистрибуција“.

Тој најави дека во понеделник на прес конференција ќе објават за сите средства што се дадени за поддршка на печатените медиуми, ќе бидат објаснети и критериумите според кои се одлучувало, но и зошто некои медиуми не успеале да добијат субвенции. За субвенциите за поддршка на овие медиуми, Владата информираше лани во ноември, кога најави дека за тоа ќе издвои педесет милиони денари.

Тогаш беше најавени дека предвидените средства ќе се доделат на печатените медиуми, кои се издаваат на македонски јазик во висина од 50 отсто од направените трошоци за печатење и 50 отсто за направените трошоци за дистрибуција. За медиумите кои се издаваат на јазиците на етничките заедници ќе се доделуваат средства во износ не помал од 50 отсто и не поголем од 70 отсто за направените трошоци за печатење и за дистрибуција. Субвенциите се однесуваат на печатените медиуми од општ информативен карактер, кои ги подмириле сите обврски кон државата и кон вработените.

 

Вања Мицевска

Преземено од:

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]

Поврзани вести

Земјоделци се жалат на неквалитетни ѓубрива, инспекциите тврдат – се’ е во ред!

Кире Андонов

ФК „Брегалница“ и како второлигаш доби 200.000 евра од Општината Штип

Трајче Гогов

Македонскиот Нигериец разочаран – очекуваше финале со „кариоките“, Нигеријците се сопнаа на „гаучосите“

Кире Андонов

Внатрешна миграција – градовите ги голтнаа селата

Љупчо Шатевски

Осми трубачки фестивал во Пехчево – македонската Гуча ја реактивира и стимулира долгогодишната традиција на дувачките оркестри

Кире Андонов

Најавен инвеститор за „Малешево“, надежта за реактивирање не згаснува ни за детските одморалишта на Голак и на Ѓуриште

Љупчо Шатевски