ММС

Објавено на: 02/10/21 3:16 PM

Ревизорот утврдил, директорот проверува, ВМРО обвинува за проневера во Физикалната терапија во штипската Клиничка болница

ВМРО-ДПМНЕ Штип денеска на прес конференција, обвини за проневера во Физикалната терапија при штипската Клиничка болница, која што директорот наводно се обидувал да  ја забошоти, затоа што според нив во целата игра околу проневерата се споменува  името на сопругата  на висок функционер на СДСМ.

„Власт практикувана од непрокопсани функционери, резултира со криминал во сите ешалони. Таков пример дава и жената на висок функционер од СДС, која неколку години вешто ја оштетувала сметката на Клиничката болница,“велат од ВМРО-ДПМНЕ Штип.

Од тука прашуваат дали главна сестра на Одделението за Физикална терапија во Клиничка болница-Штип во 2017 и 2018 година, направила разлика меѓу фискалниот пазар и благајна во износ од 95.000 и 496.000 денари и дали Јавното обвинителство и МВР веќе имаат отворено предмет за овој случај?

„Дали криењето на овој криминал, направен од жена на највисок функционер на СДС во Штип, значи и забошотување на истиот?, прашаа од ВМРО-ДПМНЕ

Тие бараат во врска со овој случај  да се произнесат сите инволвирани страни, а институциите тековно да ја известуваат јавноста за развојот на овој бесрамен криминал.

Реагираа и штипската Клиничка болница.

„Во врска со денешниот прес на ВМРО, во кој повторно се инсинуира за некакви криминалци, криење на криминали и непрокопсани функционери, сметаме дека веројатно си зборуваат за времето кога беа на власт и направија пустош во државата“, се вели во соопштението.

„По извештајот на ревизорите, Клиничката болница-Штип ангажира вештак кој утврди извесни несовпаѓања во нашите извештаи. Нормално со цел да ја дознаеме причината за тоа , лично директорот има упатено барање до надлежните институции да ги испитаат наводите на вештакот.

Доколку се утврди некаква вина кај некого, секој ќе си одговара, но тоа е работа на институциите,“ се додава во реакцијата од Клиничката болница-Штип

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.