ММС

Објавено на: 02/10/21 2:51 PM

Штипскиот градоначалник нема ништо против во училиштата факултативно да се изучува бугарски, амбасадорот Ангелов оптимист за преговорите

Штипскиот градоначалник Николов вели дека нема ништо против во штипските училишта факултативно да се изучува бугарскиот јазик,  во духот на добрососедството и продобрата комуникација, дал ваков предлог и до бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов, кој денеска беше во посета на Штип.

На пријателската средба како што ја нарече градоначалникот Николов, се разговарало за проектите кои ги имале со меѓуграничната соработка, источно планскиот регион, локалниот економски развој, проекти кои се завршени, но и за проекти кои би следувале во иднина.

– Разговаравме за дополнителна помош, инвестиција и иновација во нашиот образовен систем во градот, но и за збратимување и зближување со општини кои што се од суштинско значење за Штип, вели Николов.

Бугарскиот амбасадор соопшти дека донирале 30 пакети за социјално ранливи семејства, а се надева дека денешната средба ќе значи почеток на соработката со општината, бидејќи досега и покрај толку проекти во Македонија, немале ниеден во Штип.

На новинарско прашање дали има надеж за одвлокирање на преговорите, Ангелов вели дека е оптимист.

– Треба да продолжиме да работиме, со мали чекори да ја вратиме довербата. Со Бучковски работиме многу блиску, тој беше во Бугарија неколку пати и се виде со министерката Захариева. Кога ќе ја вратиме довербата, ќе се придвижат нештата, вели Ангелов.

Амбасадорот не одговори конкретно дали во Бугарија се санкционира говорот на омраза како што тоа се прави кај нас, вели дека моменталните емоции кои се присутни треба да се намалат и да се влезе во прагматичен дијалог, а санкции како што рече, имало отсекогаш.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.