Image default
Вести Македонија

Дебата: Нема Антикорупциска комисија, но се водат процеси против корупцијата

Фото: Цивилмедиа.мк

Борбата против корупцијата е еден од владините приоритети – изјави попладнево Зоран Заев, претседател на Владата на Република Македонија, каде антикорупциската комисија не функционира скоро 10 месеци. И покрај нефункционирањето на телото кое треба да се справува со проблемот, кој е оценет како канцер на општеството. Заев денеска на дебата во Скопје  не пропушти да се пофали дека власта води важни антикорупциски процеси со кои се спротивставува на како што рече, заедничката општествена рана.

„Во последните 12 месеци имаме заштедено повеќе од 100 милиони евра само заради транспарентност на постапките при јавните набавки. Владата го разреши претходниот директор на Агенцијата за туризам со образложение за несовесно и невнимателно работење, разрешувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност, чиј службен автомобил беше забележан во странска држава. Владата апсеше градоначалник од своите редови кога имаше комплетни докази за криминал. Откако се појави сомнеж за транспарентноста и кредибилитетот на првиот инвестициски бран на Фондот за иновации и технолошки развој, беше воведен протокол за постапување при проценка на ризик за компании апликанти од аспект на поврзаност со носители на јавни  функции и нивно влијание и сите се повлекоа од етички аспект“, потенцираше премиерот.

Одговорноста на Антикорупциската комисија ја спомена новинарот  Горан Лефков, кој забележува дека и Државната комисија за достап на информациите од јавен карактер функционира како обезглавена:

„Илјада жалби стојат за одлука таму и немаме информации за тоа што се случува во институциите“.

Професорката, Мирјана Најчевска вели дека имаме добри закони, но не и нивна имплементација. Таа сликовито долови долови до каде довела корупцијата во земјава:

„Поради коруптивното однесување го дишеме овој воздух кој денес ги дишеме. Некој некому дозволил да направи канализација без соодветни цевки и затоа има проблем со канализацијата. Некој некому дозволил да изгради зграда без да ги почитува одредбите за градење и затоа имаме згради кои се нестабилни и може да предизвикаат многу жртви“.

Денешната дебата ја организираа невладините Зелена Лупа и Цивил. Новиот предлог Закон за антикорупција пак, кој го изготви Министерството за правда веќе е влезен во собраниска процедура. Тој предвидува наместо седум, Комисијата отсега да брои 5 члена, а тие ќе се бираат по изгласувањето на изменетото законско решение.

 

 

Поврзани вести

Продолжува судењето за „Титаник 2″

1.200 млади полициски службеници ќе добијат нови униформи

Фатен албански државјанин при обид за кражба во џамијата во Пирок

Дафинка Печорова