Image default
Вести Култура

Популизмот, политиката и безбедноста во фокусот на книгите кои ги промовираше Фондација Отворено општество – Македонија

Шарената револуција е последниот вид популизам кај нас. Тоа беше популистичко движење, но требаше да биде и попопулистичко зашто доведе до една промена – изјави извршниот директор на Евротинк, Љупчо Петковски, кој викендов промовирајќи ја книгата „Популистичкиот ум“ од Ернесто Лаклау, го поистовети популизмот со улогата на граѓанското движење кое во 2016 – та со месеци протестираше по улиците низ Скопје и градовите од внатрешноста.

Сепак, додава Петковски, можеби последниве 6 месеци живееме во распаѓање на синџирот на еквиваленција создаден со синџирот на оваа револуција. Тој нагласи дека популизмот најчесто се споменува во негативен контекст, а токму книгата Популистичкиот ум е обид за негова рехабилитација.

„Кога ја читаме оваа книга, забележуваме дека дел од неа е посветен и на репрезентацијата на толпите во минатото. Идејата е да се види како е омаловажена демократијата, или политиката. Како елитите замислувале дека политиката треба да биде чист хоризонт во кој разликите ќе постојат и ќе бидат впишани во општеството“, посочи Петковски.

Освен „Популистичкиот ум“ на настанот кој го организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија, беа промовирани и книгите „За политичкото“ на Шантал Муф и „Безбедност, територија, население“ на Мишел Фуко кои на македонски јазик се преведени неодамна.

Модератор на настанот беше новинарката, Санта Аргирова.

„Како што Марсовец е се’ уште генеричко име за вонземјанин, така популистички ум може да биде генеричко име за начинот на кој беа заведувани масите во нашите, изминати години. Го почувствувавме тоа до коска. Кога е ерата на популизмот, кој е врвот?“, изјави Аргирова.

Книгите „За политичкото“ и „Безбедност, територија, население“ пак, ги промовираа универзитетските професорки Ирина Талевска и Маја Бојаџиевска.

 

Поврзани вести

Бугарин измамен во Кривогаштани, платил 483.640 денари за пиперки, но не ги добил

Димитров: Бројот на текстилни работници се намалува

Полицијата конечно откри лице како се забавува со огнено оружје