Image default
ММС-Стории

„Штипска Сорбона“ живее во сеќавањата и по повеќе од седум децении

ММС, 23.11.2018

Иако престана да работи пред 54 години, една од првите три учителски школи во слободна Македонија, која за 18 години „произведе“ 1.700 од првите учители, кои ја почнаа мисијата на описменување на 75 отсто неписмено население со кое Македонија го дочека ослободувањето, многу учители што произлегоа од Учителската школа „Гоце Делчев“ и денес не забораваат на училиштето што го нарекуваат „штипска Сорбона“, работат на повеќе проекти, а деновиве промовираа и зборник поврзан со Учителската школа

Пишува: Љупчо Шатевски

И покрај тоа што денес се во осмата, деветтата, па и во десеттата деценија од животот, многумина од живите ученици на некогашната Учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип, а потоа и први учители на мајчин јазик, и сега се’ уште творат, пишуваат, работат на проекти поврзани со некогашното училиште, но и со развојот на образованието денес. Деновиве се собраа во Штип за да го промовораат зборникот „70 години од основањето на Учителската школа ’Гоце Делчев’“, чиј издавач е Универзитетот „Гоце Делчев“, а во него се посместени повеќе од 60 труда, презентирани пред две години на одбележувањето  на седумдеценискиот јубилеј на Учителската школа.

Од промоцијата на зборникот деновиве во Штип

Во 1945 година во Македонија имало само 150 луѓе со факултетска диплома

– По ослободувањето, во Македонија се основаа три учителски школи. Скопската почна да работи во март 1945 година на народен македонски јазик, а штипската и битолската од септември 1946 кога веќе беше кодифициран нашиот литературен јазик. Тоа беше голема мисија. Македонија ослободувањето го дочека со 75 отсто неписмено население и со само 150 луѓе со високо образование. Мораше да се описменува народот, да се создава кадар за развој на државата. Во Учителската школа во Штип не’ имаше од сите места од левата страна на Вардар. Веднаш по матурирањето и стекнатите дипломи за учители, бевме испраќани на работа во селата, во кои тогаш немаше струја, во градовите. Работевме со голем ентузијазам – се присетуваат ученици од првите генерации, пионерите на македонското учителство.

Поради квалитетот и добрите резултати, тие Учителската школа и денес ја нарекуваат штипска или македонска Сорбона. Школата работела од 1946 до 1964 година, кога во Штип била отворена Вишата педагошка школа, подоцна Педагошка академија, а за тие 18 години или 15 генерации матурирале 1.700 ученици.

– И со тоа што и денес не се предаваме и твориме само потврдуваме за каква школа се работеше и каков ентузијазам сме имале. Имаме неколку проекти. Веќе 20 години ја истражуваме Учителската школа, денес го промовираме зборникот, претходно имавме монографија, научни конференции, имаме мрежни проекти во Делчево, Пехчево, Берово и во Скопје, учествуваме и на учителски средби во соседни земји, во Штип поставивме спомен-плоча на школата, засадивме 18 дрвца во паркот на младоста, имавме ликовна изложба на ученици и учители од школата… – вели Јелица Николовска.

Денови што не се забораваат

Таа и нејзиниот сопруг Атанас Николовски се едни од стручните носители на проектите. Од Пехчево се. Биле ученици, а потоа и професори во Учителската школа „Гоце Делчев“. Јелица по матурирањето била учителка во радовишки Подареш, а Атанас, откако матурирал на Учителската школа, бил испратен на работа во струмичко Босилово, по завршувањето на Вишата педагошка школа, предавал во беровската гимназија, а откако вонредно дипломирал и на Филолошкиот факултет во Скопје, се вратил во Штип како професор на Учителската школа, а потоа и на Педагошката академија во Штип. Подоцна, откако докторирале со сопругата, заминале во Скопје каде што до пензионирањето биле универзитетски професори.

Атанас и Јелица Николовски

– Најубавите години ги поминавме во Учителската школа. Тоа не се заборава, па затоа и’ останавме максимално верни. Учевме и живеевме сложно. Речиси сите подоцна завршивме и виши и високи школи, многумина станаа магистри и доктори на науки, универзитетски професори, декани, академици, градоначалници, писатели, министри, амбасадори… – истакнува Атанас Николовски.

Зародиш и за формирање на Универзитетот „Гоце Делчев“

Учителската школа „Гоце Делчев“ на некој начин ја продолжила долгата образовна историја во Штип, а била зародиш и на подоцнежното отворање на високообразовните установи во градот, па и на Универзитетот што исто така го носи името на македонскиот великан Гоце Делчев, кој бил учител во Штип од 1894 до 1896 година.

Гимназијата од времето кога во неа била сместена Учителската школа се најде и на насловната страница на зборникот

– Беше задоволство да се биде дел од Учителската школа, која успешно ја продолжи богатата образовна традиција во Штип, а беше основа за формирање на Педагошката академија, Педагошкиот факултет, денес Факултет за образовни науки, па и на Универзитетот „Гоце Делчев“. Откако завршив гимназија во Штип и дипломирав биологија во Скопје, во 1956 година станав дел од тимот професори на Учителската школа. Директор тогаш беше Јонче Јосифовски, подоцна професор на Филозофскиот факултет во Скопје – раскажува штипјанката Невена Милева.

Школата прво работела во штипско Ново Село, во училиштето во кое некогаш предавал и Гоце Делчев, потоа се префрлила на друга локација, во старо училиште кај театарот, а последните десетина години во зградата на гимназијата, откако гимназијалците тогаш се преселиле во стариот гимназиски објект. На приземјето биле кујната и трпезаријата, на катовите училниците, а на највисокиот четврти кат бил женскиот интернат за ученичките на Учителската школа. Интернатот за учениците, пак, бил кај бањата Кежовица.

Штипската гимназија денес

Тогашните ученици се’ уште во детали се сеќаваат на настаните како да било вчера, а тоа најчесто го прават на јубилејните генерациски средби од матурските. Ги одржуваат редовно, каков што е случајот и со претпоследната генерација. Стојан Стефановски – Лесновски од Пробиштип во учебната 1962/63 бил претседател на генерацијата. Оттогаш 55 години е претседател на организацискиот одбор на јубилејните годишнини од матурските, па во шега додава дека подолг мандат од него имала само британската кралица.

– Годинава одбележавме 55 години од матурирањето. Пак бев организатор, но неколку дена пред средбата бев хоспитализиран во штипската болница. Сепак, на кратко излегов од болницата и отидов на средбата. Такво нешто не се прошушта. Поминавме незаборавни денови во нашата „Сорбона“, па и денес останавме големи другари. И од нашата генерација излегоа луѓе подоцна познати во цела Македонија, како писателот Киро Донев, поранешниот министер за образование и наука и декан на правниот факултет во Скопје, Гале Галев, првата жена-градоначалничка во Македонија, Александра Трајанова – Алексовска, која беше претседател на Собранито на општината Пробиштип од 1984 до 1986 година… За петдеценискиот јубилеј од матурирањето на генерацијата отпечативме и генерациска монографија – вели Стефановски.

Тој се оженил со Славјанка од неговата генерација, која и денес му е животна сопатничка.

НА МАЈЧИН ЈАЗИК ГИ УЧЕЛЕ И МАКЕДОНЧИЊАТА ВО ВОЈВОДИНА И ВО ГЕРМАНИЈА

Учителите што ја завршиле Учителската школа во Штип се горди што, освен што описмениле илјадници деца во многу македонски градови и села, образовале и многу Македончиња на мајчин македонски јазик надвор од Македонија.

– Дел од тие што завршивме во првите генерации заминаа во Војводина, да ги учат на мајчин јазик Македончињата што во тие години со семејствата беа населени таму, а исто така и децата-бегалци од Егејска Македонија што тогаш најдоа прибежиште во Војводина. Наши колеги од помадите генерации учеа на македонски јазик деца на наши иселеници во училишта во Германија – раскажуваат пензионираните учители.

Другарствата од училишните денови остануваат засекогаш

Поврзани вести

Задоволството е слично и кога се пилотира со „боинг“ со 200 патници и со „цесна“-четворосед, вели Раде Ивановски, капетан на патнички авион

Кире Андонов

Меѓу експонатите во вчера отворената спомен-соба на Киро Глигоров во Штип и неговото биро и клавирот на Нада Глигорова

Љупчо Шатевски

Гранични премини – нова надеж за Клепало, Црна Скала и Ајдутски Кладенец може да останат неостварен сон

Трајче Гогов