Image default
ММС-Стории

Човекот што од Штип направи моден центар доби спомен-биста

 

ММС, 07.11.2018

Михаило Нетков на чело на некогашната модна конфекција „Астибо“ бил две децении, од нејзините почетоци до мистериозната смрт на Нетков во 1983 година во неговата канцеларија, случај што официјално е регистриран како самоубиство, период во кој „Астибо“ од мал погон на „Македонка“, прерасна во водечка модна куќа во Југославија со повеќе од 4.500 работници

Пишува: Љупчо Шатевски

Михаило Нетков (1927-1983), основачот и долгогодишен генерален директор на штипски „Астибо“, некогаш една од водечките модни куќи во СФРЈ, доби спомен-обележје во Штип. Спомен-бистата е пред управната зграда на некогашниот конфекциски гигант, а донатор е текстилниот инженер Венцислав Филипов, сопственик на две текстилни фирми што денес работат во дел од објектите на некогашен „Астибо“.

Михаило Нетков додека беше на чело на „Астибо“ и спомен-бистата откриена денеска

Визионер со голем придонес за развојот на конфекционерството во Македонија

– Иако не потекнувам од „Астибо“, туку од постариот штипски текстилен гигант „Македонка“, сметам дека беше голема неправда што Нетков немаше никакво спомен-обележје, а благодарение на него и денес работат многу луѓе и стопанственици, меѓу кои и јас. Тој има голем придонес за развојот на текстилната индустрија и на конфекционерството во Македонија. Беше голем визионер. Негова заслуга е и што по пропаѓањето на „Македонка“ и на „Астибо“, десетте ијади луѓе што работеа во нив не останаа без работа. Постепено беа прифаќани од многуте нови приватни конфекции, од кои повеќето се создадени од поранешен кадар на „Астибо“ за кој Нетков особено се грижеше, го испраќаше и на усовршување во странство – вели Филипов.

Од мал погон направи најпозната модна куќа во СФРЈ: Венцислав Филипов (лево) и Стојан Троицки

Стојан Троицки, некогашен директор на центарот за информации и култура на трудот во „Астибо“, познат и како долгогодишен директор на фестивалот „Макфест“, нагласува дека Нетков бил голем визионер, кој во „Астибо“ почнал со 300, а кога заминал го оставил со 4.500 вработени.

– Беше исклучителна личност, редок пример на раководител и менаџер кој интуитивно во себе имаше развојни визии. Од обична работилница направи најголема модна куќа во Југославија. Во тајните на работата воведе многу негови соработници, денес сопственици на приватни конфекции. Крајно време беше да му се постави некое спомен-обележје во градот кој дури и денес некои го препознаваат по „Астибо“ и по модата – истакнува Троицки.

На откривањето на спомен-бистата, на Михаило Нетков се присетија и неговата сестра, Марија Галевска, која истакна дека освен што бил голем стопанственик, се гордее и што тогашните работници уште го паметат по добрите дела, а секретарката на Нетков, Даница Кошча, рече е дека е горда што му била соработничка на основоположникот на конфекционерството во Штип и во Македонија, кој своевремено бил и претседател на конфекционерите во СФРЈ.

Даница Кошча (лево) и Марија Галевска

Неговите соработници и оние што добро го познаваат истакнуваат дека Михаило Нетков бил исклучителна личност, голем интелектуалец. Учествувал во ослободителното и антифашистичко движење, веднаш по Втората светска војна дипломирал на Економскиот факултет во Белград, паралелно студирал и соло-пеење, а во својот работен век оставил длабоки траги. Се’ до својата трагична и мистериозна смрт во својата канцеларија во „Астибо“ во средината на 1983 година, случај што официјално е регистриран како самоубиство.

Освен во Штип, отворил и седум дислоцирани погони низ Македонија

Роден е во 1927 година. Ако беше жив, сега ќе имаше 91 година. Потекнува од професорско семејство. Татко му Славко бил еден од главните културни аниматори во Штип. Пред Втората светска војна ја пишува и првата драма – „Македонка“, во 1925 година пеел и во „Палјачи“, првата опера изведена во Штип и во Македонија.

По дипломирањето, Михаило првин работел во „Македонка“, другиот голем штипски текстилен гигант, од каде изникнал и „Астибо“. Оставил одличен впечаток и кај раководството и кај вработените, па кратко време бил и генерален директор на „Македонка“. Потоа како предизвик ја презема задачата да раководи со погонот за конфекција на „Македонка“ со околу 270 вработени, кој се судирал со сериозни проблеми. Нетков прави голем пресврт. Почнува со збогатување на асортиманот и со извоз, а подоцна погонот се издвојува од „Македонка“ како посебна фирма.

Нетков во 1970-тите со Киро Глигоров и други гости во „Астибо“

„Астибо“ прави невиден развој и станува еден од најголемите производители на лесна и полутешка конфекција и водечки моден бренд во СФРЈ. Во 1972 година, една деценија по првите чекори, веќе има 2.000 вработени, во 1987 дури 4.800, од кои две третини се во Штип, а останатите во дисперзираните погони во Македонска Каменица, Македонски Брод, Крива Паланка, Пробиштип, Радовиш, Виница и во Кратово. Покрај солидните плати, „Астибо“ имаше модерен ресторан за исхрана на вработените, детска градинка покрај фабриката, весник, развиена култура на трудот, своја радиостаница што преку целиот ден во халите емитуваше програма и музика…

По распаѓањето на Југославија, како и потоа со другите добропознати проблеми, „Астибо“ во 2001 година отиде во стечај, во 2002 беше ликвидиран со околу 2.000 преостанати работници, а потоа беше купен од конзорциум од десетина штипски конфекции.

ОБЛЕКА НА „АСТИБО“ НОСЕЛЕ И ТИТО, ЏИМИ КАРТЕР…

„Астибо“ годишно произведувал и по два и пол милиони готови парчиња конфекција, од кои околу три четвртини биле за извоз, а другото како сопствен бренд се пласирало на југословенскиот пазар во големите стоковни куќи и во 60 сопствени продавници. Михаило Нетков секогаш барал од соработниците големо внимание да му посветуваат на маркетингот. Многумина уште се сеќаваат на една од тогашните реклами што одеше на сите телевизии во СФРЈ и во другите медиуми: „Астибо у знаку лава то је кошуља права“.

Развиен маркетинг и многу саемски штандови и модни ревии, како на сликата десно на која во улога на манекен е и познатиот актер Бата Живоиновиќ

– Во 1972 година излезе книгата за грбовите на Македонија од Александар Матковски. Таа година веднаш го ставивме земскиот македонски грб со лавот, првин на нашите вратоврски, а потоа и на кошулите. Многу познати личности од Македонија, Југославија и од светот носеа наша облека. „Астибова“ вратоврска носеше и тогашниот американски претседател Џими Картер, а често со наши кошули и вратоврски беше и Тито. Се сеќавам особено на еден случај, кога нашиот моделар Кирил Бреслиски замина во Белград да му земе мера за кошули пред еден Титов роденеден. Вечерта Тито и Јованка го задржале на вечера со нив, а следниот ден во Штип се врати со цела корпа портокали набрани на Бриони, што Јованка и Тито му ги дале како поздрав за семејството – ни’ раскажа лани неодамна починатиот хроничар Кирил Петров, некогашен директор за развој на „Астибо“ и соработник на  Нетков.

Преземено од:

Доколку имате било каква сторија пишете ни на
Viber или WhatsApp
бесплатно на телефонскиот број
☎️ 0800 80 222
пишете ни на маил
[email protected]

Поврзани вести

Додека Македонија ита кон ЕУ, узурпираниот јавен простор го заостанува Скопје зад европските метрополи

Вања Мицевска

27ми роденден на „Канал 77“: Од студентска идеја се роди еден од најпознатите македонски медиумски брендови

Трајче Гогов

Ченгино Кале: Скриените убавини на најисточната месност во Македонија

Љупчо Шатевски

105 години од Втората балканска војна – во и близу црвената од крв Брегалница загинале или се удавиле илјадници војници

Љупчо Шатевски

Нема град што држи до себе без свој дувачки оркестар

Љупчо Шатевски

Најстариот жив партизан и на 100 години им се поклонува на починатите соборци

Кире Андонов