Image default
ММС-Стории

Островот Калата во Калиманци сведок за постоењето на некогашниот Град на калајот

ММС, 01.11.2018

Зегин

Остатоците од древниот утврден рударски град останале под вода пред половина век при изградбата на хидроакумулацијата Калимацнци кај Македонска Каменица, само неговиот највисок дел стана мал остров во езерото и сведок дека овде некогаш постоел град со многу интересни карактеристики, но кој остана недоволно истражен, а убавините на Калиманци и мистериозноста на Калата од локалната самоуправа планираат да ги искористат за развој на туризмот во овој крај досега познат само по рударството

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

И половина век по изградбата на хидроакумулацијата Калиманци, повозрасните жители на Македонска Каменица и на селата покрај брегот на најголемото вештачко езеро во брегалничкиот регион не забораваат на она што било потопено од акумулацијата, некои имаат и лични спомени, а на други во спомен им останало раскажаното од нивните родители, баби и дедовци за тајните и мистериите што ги голтнала водата при оформувањето на езерото. Најголема од тие мистерии е доцноантичкиот рударски град Калата или Градот на калајот, кој останал многу малку истражен, а водата ги покрила остатоците од него.

Единствен езерски остров во брегалничкиот регион

Сепак, се’ не е потопено од Градот на калајот. Неговиот највисок дел остана остров во средиштето на езерото Калиманци, на околу четири километри од Македонска Каменица, како единствен сведок дека многу одамна тука имало град со многу интересни карактеристики. Тој единствен езерски остров во брегалничкиот регион, кој, исто така, се вика Калата, зафаќа површина од околу 1,5 хектар, долг е 300, а широк околу 70 метри. Во летните месеци, кога се намалува нивото на езерото, островот најчесто станува полуостров. Иако е само на стотина метри од брегот на езерото долго 14 километри, за островот Калата многу малку се знае и ретко кој го посетува.

На стотина метри од брегот, но засега ретко кој оди на него: Островот Калата

– До полнењето на акумулацијата во 1969 година, повремено доаѓаа археолози и вршеа истражувања. Сега Градот на калајот, најголемата од сите тајни што ги голтна езерото, е заборавен. Освен флората и фауната, и на островчето Калата нема речиси ништо. Остатоците од стариот град се распаднати, се распознаваат само остатоци од ѕидови. Порано од далечина можеа да се слушнат гласови, веројатно од диви копачи што бараа богатство, но никој не слушнал дека е пронајдено нешто повредно, освен ситни монети – раскажуваат повозрасни жители на каменичкото село Дулица, во чиј атар е островот.

Се топеле калај и злато со загревање карпи со златоносни жици

Во Калата или Градот на калајот се топеле калај и злато со загревање карпи со златоносни жици, кои со помош на длета биле вадени и претопувани. Дел од градот бил природно заштитен од реките Брегалница и нејзината притока Каменичка Река, а дел бил заштитен со дебели одбранбени ѕидови изѕдидани со малтер и вар. Се распознавале контури и од три градски порти. Покрај јавните порти, постоеле и тајни тунели за излегување и за влегување во градот, за негово тајно снабдување во кризни и воени времиња.

Според истражувањата што биле вршени до оформувањето на езерото Калиманци, на тој терен имало неколку интересни локалитети. Овде живееле и Пајонците, а Калата е доцноантички град. Во римско време бил изграден кастел за заштита на околните рудници. Калата била заштитена со ѕидови, со стрмни падини и со двете длабоко всечени корита на Брегалница и на Каменичка река, која токму кај денешното островче се влева во Брегалница и во езерото Калиманци. Во 6. век околу Калата била подигната нова ограда врз остатоците од римската. Заградениот дел од градот не бил доволен, се градело и во неговата околина, па во неа се октриени и остатоци од верски храмови, како и локалитетот Бегов Дол кај Дулица. Интересно е што во Градот на калајот млеко пристигнувало преку млековод долг десетина километри и направен од керамички ќунци.

Со десеткилометарски млековод до градот доаѓало млеко од повисоките села

– И ние имаме наоѓано цевки, односно остатоци од рачно изработени ќунци од тој стар млековод. Многу квалитетното млеко што доаѓало од повисоките планински села на Осогово во Калата се преработувало во сирење, урда, кашкавал, кои потоа успешно се продавале на многу пазари – вели Стојне Петровски (68) од Дулица.

Имаме видувано остатоци од млеководот: Стојне Петровски

Тој се присетува и на времињата кога се градела големата хидроакумулација, од која сега се наводнуваат многу ниви во Каменичко, Виничко, Кочанско, Штипско, се’ до Светиниколско. Кога се наполнило езерото Калиманци, под вода останале плодни ниви, лозја, ориз, кој тогаш се сеел дури до тука, како и педесетина куќи во атарите на Дулица, Каменица, Калиманци и Тодоровци.

– Некои од жителите на куќите што во 1969 година беа потопени се преселија во околните села, во Македонска Каменица, Делчево, Виница, Кочанско, Штипско… Под вода останаа петнаесетина куќи во атарот на моето село Дулица. Само една третина од семејствата што живееја во нив се преселија во повисоките маала, а останатите заминаа во други места. Баба ми со семејството се исели последна бидејќи тешко и’ беше одвојувањето од домот. Се исплашивме да не ги удави водата. Помогнавме во селењето. Имавме стара куќа во Дулица во која се сместија, а потоа ја реновираа и доградија – раскажува Петровски.

И покрај атрактивноста, Калиманци и Калата досега речиси воопшто не се искористени туристички, иако се наоѓаат покрај магистралниот пат Кочани – Македонска Каменица – Делчево, кој води и до граничниот премин со Бугарија. Во последните години работите се менуваат, па двата локалитета се дел од стратегиите за развој на туризмот и на Македонска Каменица и на источниот (брегалничкиот) регион.

Убав, но досега неискористен туристички потенцијал: Езерото Калиманци

– Македонска Каменица досега е главно позната по рударството и по рудникот „Саса“. Но, таа со природните убавини може да стане позната и туристички. Особено со нашиот дел од Осоговските Планини, каде што се реализирани неколку проекти, а повеќе други се во план, како и со Калиманци и Калата, за кои, исто така, имаме планирано повеќе проекти. Направена е проектна документација за изградба на асфалтен пат до Калата, како и проект за изградба на пешачка патека околу езерото Калиманци – истакнува градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

ПРЕДМЕТИ ОД СТАРИОТ ГРАД И ДЕНЕС ПОВРЕМЕНО СЕ НАОЃААТ

По Втората светска војна жителите на Дулица почнале да ги расчистуваат шутот од остатоците од Градот на калајот, на некој начин го поделиле на реони со цел да направат обработливи земјоделски површини. Притоа, наоѓале стари керамички садови, оружје, пехари, монети. Кога за тоа разбрале властите, ги сопреле и забраниле сите активности. Околу езерото и денес луѓето повремено случајно ископуваат по некој стар предмет, главно керамички.

Дулица е планинско село од разбиен тип со десетина маала што се протегаат на повеќе километри. Пред шеесетина години имало 600 жители, а сега се нешто повеќе од 200.

Иселените дуличани градат куќи во селото (лево), и училиштето во Дулица што остана без ученици (десно)

– Иселувањето почна во 60-тите години на минатиот век кога, освен во блиските градови, се одеше на работа во Германија, Швајцарија, а сега омилена десетинација на дуличани, како и на многу други луѓе од овој крај, им е Италија. Пред две години, бидејќи остана речиси без ученици, се затвори учичиштето во селото, во кое некогаш учеа и до 80 деца, па сега учениците одат на училиште во Македонска Каменица. Сепак, гледаме надеж. Многу од иселените дуличани ги одржуваат и реновираат семејните куќи, што значи дека многумина планираат да се вратат, а ќе биде добро и ако се направи нешто повеќе за развој на туризмот на Калиманци и Калата, а тоа може да ги живне и селото и овој крај – вели Стојне Петровски, кој е пензиониран служител од училиштето во Дулица.

Поврзани вести

Тиквешките лозари богаташи со живот на вересија

Еленец ја враќа надежта во подзаборавената Цера

Љупчо Шатевски

Додека Македонија ита кон ЕУ, узурпираниот јавен простор го заостанува Скопје зад европските метрополи