Image default
Вести Македонија ММС-Стории Скопје не е македонија

Кој ќе го „лапне“ милионски тешкиот бизнис за нова болница во Струга?

Што се крие зад изградбата на новата општа болница во Струга што ја најавуваат локалната и централната власт. На оваа тема истражувавме, ако се знае дека таа најверојатно ќе се гради по пат на јавно приватно партнерство. Оној кој ќе ја гради болницата како поволност за тоа нема да и’ плати комуналии на Општината, а за возврат ќе го добие и местото каде се наоѓа сегашната болница, кое е повеќе од атрактивно, сместено во најубавиот дел на градот. Низ струшката чаршија се’ погласни се прашањата кој ќе го „лапне“ овој повеќе од атрактивен бизнис. Опозициската Алијанса на Албанците обвинува дека фирми блиски со локалното раководство на Струга се заинтересирани да ја градат болницата

Зегин

 Пишува: Мики Трајковски

Зегин

Додека Општата болница во Струга пропаѓа, низ струшката чаршија се’ почесто се поставува прашањето кој ќе го „лапне“ повеќе од атрактивниот, милионски  бизнис за изградба на новата општа болница. Сето ова станува уште поактуелно, ако се имаат предвид  поволностите што ќе бидат понудени за изградба на тој здравствен објект.

Она што е интересно во целата ситуација е дека оној кој ќе ја гради болницата, за возврат ќе ја добие локацијата на која се наоѓа постоечката општа болница во Струга, која е сместена на најатрактивното место во градот, во строгиот центар наспроти реката Црн Дрим.

 

На местото на болницата би можел да се изгради голем станбен комплекс

 Овде еден квадратен метар станбен простор достигнува цена и до 1.000 евра, па претпоставките се дека идниот сопственик овде најверојатно би изградил цел станбен комплекс, од кој заработката би била многу голема.

Постоечката струшка болница опфаќа покриен простор  од 4.600 квадратни метри. Ако се земе предвид дека во истиот двор се наоѓаат и објектите на Здравствениот дом, тоа значи дека целата локација е многу поголема. Засега нема информации дали компензацијата би се однесувала за целиот простор.

 Луѓе од градежниот сектор сметаат дека на тој простор би можел да се изгради голем станбен комплекс од кој би можел да се остварува голем профит.

 Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека потенцијалниот инвеститор со дозвола на градот ќе добие олеснувања во делот на комуналиите, но оти за сметка на тоа ќе мора да изгради објект што ќе одговара на потребите на граѓаните.

Потенцијалната локација на новата болница – покрај патот за Ќафасан

– Постои локација на периферијата на Струга која му припаѓа на градот и која може да се урбанизира и детално да се подготви за да биде во насока на градење болница. Во овој момент разговараме со потенцијални партнери што би влегле во ваков проект, кои би изградиле болница и со кои понатаму соодветно ние би работеле на размена на тоа земјиште и земјиштето каде сега се наоѓа болницата – изјави министерот Филипче.

Како потенцијална локација за градба се споменува локацијата од десната страна на патот што води кон граничниот премин Ќафасан.

– Постоечаката болница е многу стара и со лоша инфраструктура. Пред некое време болницата почнала да се реновира, но тоа сметаме дека не е соодветно и трајно решение. Затоа ги разгледуваме сите можности да се изгради нова болница во Струга, притоа разгледувајќи ги можностите да се развие јавно приватно партнерство – рече Филипче.

Министерот вели дека доколку тој модел пропадне, тогаш тие биле подготвени да инвестираат во нова болница во Струга, бидејки граѓаните и лекарскиот кадар заслужувале подобри услови за работа и лекување.

Постоечката болница е стара и со лоша инфраструктура

Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, кој беше на директорското место во Болницата пред да седне во фотелја во Министерството, истакнува дека е во тек постапка за урабанизирање на земјиштето каде ќе треба да никне новата болница.

– Таа активност ќе заврши во текот на ноември, потоа ќе започне постапка за трајно користење на земјиштето од Министерството за здравство, па постапка за изработка на идеен проект како ќе треба да изгледа болницата. Паралелно се одвиваат работите и на локално и на централно ниво и ќе се бараат можности за изнаоѓање средства – изјави Муса.

Локалните власти сакаат проектот да почне да се реализира што побрзо

Првиот човек на градот, градоначалникот Рамиз Мерко, потврди дека земјиштето на идниот инвеститор ќе му биде дадено гратис, без да плаќа комуналии. Тоа е уште една од поволностите во целиот овој проект.

– Има повеќе локации каде може да се изгради.  Но треба да се заврши новиот ДУП кој е во фаза на изработка. Имаме неколку лоации од десната страна на патот за Албаниа, м4 до Ќафасан и некоја од тие ќе биде избрана. Ќе ставиме и цел здравство, за да може да го дадеме и земјиштето гратис и нема да му земеме комуналии, а со цел изградба на новата болница. Работиме интензивно за да започне изградбата на новата болница – вели градоначалникот Мерко.

Раководството на болницата во Струга информира дека веќе била формирана работна група од страна на Министерството за здравство со цел да се направи идеен проект за новата болница, по што дополнително ќе биде одлучено каде тој ќе се изведува.

Во Струга престојуваше и делегација составена од шестмина експерти од Италија од различни области – градежништво, здравство, опрема за болници, истражување.Тие имаа средба со локалните власти и со заменик-министерот за здравство, Муса, со цел за консултации, преговори, размена на искуства за започнување на студија за нова општа болница во Струга. Засега не се соопштува колку ќе чини целиот проект.

Ќе биде ли наскоро само едно минато: Дел од сегашната струшка болница

Многумина имаат сомнежи за реализација на проектот

 Од најголемата опозициска партија во Струга, Алијансата на Албанците велат дека имаат сомнежи  во однос на  реализацијата на целиот процес.

„Има најави дека некои фирми блиски со локалното раководство се заинтересирани да го градат објектот, а за компензација да се добие сегашното место. Затоа има многу сомнежи во целиот процес. Доколку Министерството за здравство не влегува во овој процес со целосно инвестирање, тешко дека тој ќе се реализира преку компензација. За да се изгради новата болница надвор од градот, технички тоа не може брзо да се реши.Има многу проблеми, како за решавање на Деталниот урбанистичи план така и од финансиски аспект“, велат во писмена реакција од Алијансата на Албанците.

Поранешниот раководител на секторот за урбанизам во општина Струга, Ресул Хани, се сомнева дека Струга би можела да добие нова болница за две години. Според него, не може без да се платат потребните комуналии да се гради обејктот, па тоа да е и болница.

– Реализацијата на болницата е толку далеку, а се прави сега ваква пропаганда и политика дека ќе ја градиме во што е можно покус период. Донесувањето на ГУП е многу далеку, односно е на почетокот од постапката за донесување. Самата постапка за донесување на ГУП може да трае до две години и тоа интензивно ако се работи на донесувањето, а потоа следува донесувањето на Детален план што би бил во согласност со ДУП. Тоа временски би значело две и пол години постапка за донесување на ДУП – вели Хани.

СО ПРОСТОРНИ И КАДРОВСКИ ПРОБЛЕМИ, БОЛНИЦАТА ГОДИШНО ОПСЛУЖУВА 150.000 ПАЦИЕНТИ

Болницата во Струга опслужува повеќе од 150.000 пациенти годишно не само од Струга, туку и од Дебар, Кичево, Охрид, Битола и од други градови. Многу често услугите на болницата ги корисат и пациенти од соседна Албанија, особено од соседните градови. Во состав на болницата работат неколку одделенија, а се вршат и специјалистичко-конусултативни прегледи. Со оглед на тоа, побарано е болницата да биде и регионална.

Од болницата велат дека во моментот работат во ограничени просторни услови. Имаат 284 вработени, од кои 46 се лекари-специјалисти, а 18 доктори по медицина. Признаваат дека моменталниот кадар не ги задоволува потребите за толкав голем број пациенти, оти се соочуваат со дефицит. Во стратешиот план од 2018 до 2022 биле побарани од Министерството за здравство нови вработувања , а биле одобрени и 20 специјализации.

Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Поврзани вести

Церар: Процесот во Парламантот е легитимен и ја изразува волјата на граѓаните

Обвинителството утврдува евентуална кривична одговорност за смртта на 13 годишно девојче во Илинден

Вања Мицевска

Северина во Штип ќе заработи колку Ѓорѓе Иванов за две години

Трајче Гогов