Image default
ММС-Стории

„Текстилијада 2018“: Текстилството им е судбина на Македонија и на Балканот

ММС, 25.10.2018

Зегин

Поради ниските плати, ретко кој во Македонија е заинтересиран за работа во текстилството, младите во потрага по повисоки плати масовно заминуваат во странство, па недостигот од работна сила уште повеќе ќе се чувствува, а според некои предвидувања од Србија, во следните години нарачатилете од западноевропските земји се’ повеќе ќе се свртуваат кон источна Европа наместо кон југоисточна Азија

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

Многу работа за малку пари, нерегулирани прекувремени работни часови, непостоење на  синдикално организирање, несоодветни испекциски контроли и многу други проблеми ја мачат текстилната индустрија, која во Македонија во моментот вработува речиси 40.000 луѓе, поради што се’ помалку млади луѓе, од оние што уште не се иселиле, се заинтересирани да работат во неа, иако, како што стојат работите, текстилството уште долго ќе им биде судбина и на Македонија и на Балканот.

Ова беше констатирано на втората „Текстилијада“ што, во организација на здружението „Гласен текстилец“, во текот на изминатиот викенд се одржа во Штип, градот на текстилот. Освен неколкуте изложби и промоции, во текот на дводневната манифестација се одржаа и неколку трибини и јавни дебати за состојбите во текстилството.

Во рамките на „Текстилијадата“ се одржаа неколку трибини и дебати

Дури 83 отсто од младите во Македонија сакаат да заминат во странство

Основна причина за незаинтересираноста на невработените, особено на младите, својата иднина да ја бараат во текстилството кај нас, а и не само во текстилството, се ниските плати, а дополнително и условите за работа, поради што голем број млади заминуваат во потрага по повисоки плати и подобар живот во странство. Истражувачот д-р Бранимир Јовановиќ истакна дека најфрапантно е што истражувањета покажале дека дури 83 отсто од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, затоа што таму имаат подобри услови – повисоки плати, подобар живот и полесно доаѓање до работно место, а кај нас речиси секој втор млад е невработен.

Тој додаде дека просечната плата во Македонија е само 400 евра, иако и тој просек не е репрезентативен зашто, како што рече, има работници со плата од 200 евра, како и директори со 250.000 евра. Се осврна и на странските инвестиции во текстилството.

– Нема поголеми разлики и во новите капацитети отворени со странски инвестиции. Платите се малку повисоки, подобра е чистотата, климатизацијата, но работното време е постриктно, треба да се работи за викенди, некаде мора да се стои на нозе цело време, а тоа некои работнички не може да го издржат. Генералната слика е дека и условите за работа се прилично слични како во конфекциите во сопственост на наши стопанственици. Затоа и нема некое прелевање на работници. Работниците и работничките генерално заминуваат, но во странство. И младите и постарите – вели Јовановиќ.

„Инвестирајте кај нас, кај нас нема синдикати“

Состојбата, како што истакна Стефан Алексиќ од центрите „Октобар“ и „Машина“ од Србија, многу не се разликувала ни во Србија, па ни во другите балкански земји. Нагласи дека и во Србија условите за работа не биле добри, прекувремената работа не секогаш се плаќала, платите биле ниски, а најниската што тој ја сретнал при едно истражување била 140 евра, инспекциите не работеле, а кога ќе заминеле на терен најчесто однапред им се најавувале на работодвците.

– Кога станува збор за странските инвестиции во текстилството, балканските земји, како Србија, Македонија, Косово, Албанија, па и Босна и Херцеговина, како да се натпреваруваат кој ќе овозможи поголеми даночни и административни олеснувања и бенефиции за странскиот капитал, па дури албанскиот премиер лани вака ја рекламираше Албанија – „Дојдете кај нас, кај нас нема синдикати“. Ова е како бизарна трка кон дното – колку полоши услови за работниците толку повеќе надеж да се намамат странски инвеститори – истакнува Алексиќ.

Тој смета дека во наредниот период текстилството на Балканот ќе зема уште поголем замав, па недостигот од работници ќе стане уште поактуелен. Во Србија во моментот во текстилната индустрија работеле 140.000 работници, а во догледно време, како што покажаеле истражувањата, тој број треба да се зголеми на повеќе од 200.000 зашто западноевропските нарачатели, според него, се’ повеќе ќе се преориентирале да се шие за нив во источна Европа отколку во Кина и Југоситочна Азија, бидејќи трошоците за шиење биле слични, но транспортот бил десетпати побрз.

– Ако се споредат заработувачките и трошоците на живот кај нас и во Југоисточна Азија, излегува, како што покажаа и истражувањата, дека во источна Европа тој просек е помал во однос на Југоисточна Азија. Мора во иднина од големите странски брендови да се бараат плати за достоинствен живот – вели Алексиќ.

Ќе треба уште многу време за да се фати чекор

Но, како да се бараат поголеми плати и подобри услови за работа кога фирмите во кои има синдикални организации може да се избројат на прсти. Обидите да се формира синдикат во фирмите редовно завршувале без успех, често и со откази за иницијаторите. Таков бил случајот и при формирањето на првата синдикална организација во прилепска конфекција, кога по кратко време од работа била избркана претседателката, која имала пет деца, за што зборуваше Рубин Аризанковски, претседател на здружението „Достоинствен работник“.

– При вакви случаи синдикатите ги нема никаде да реагираат. Тие кај нас се зачаурени, приврзоци на партиите, на властите. Во развиените земји партиите чекаат и молат пред вратите на синдикатите, а не обратно. Кај нас штрајковите и протестите веќе како да ги снема – обвинија претставници на невладините органзации.

Многу прашања поставија текстилните работници

Љупчо Радевски, претседател на гранковиот синдикат на текстилно-кожарската индустрија при ССМ, рече дека е полесно да се критикува од позиција на невладини организации, отколку да бидеш  меѓу чеканот и наковалната во време кога инспекциските служби не функционираат, а работниците не се солидарни.

– Има многу случаи кога газдите на конфекциите си конкурираат и ги симнуваат и така наските цени за шиење, па за да земат работа, на пример, од три евра нудат изработка за две и пол, две, па и за едно и пол евро, а сето тоа оди на штета на работниците, па имаме ниски плати, неисплаќање на прекувремената работа, на придонеси, К-15… На штрајкот гледаме како на последна форма зашто внимаваме да не се затвори фабриката – вели Радевски.

Се’ на се’, додека да се дојде до попристојни плати, до подостоинствени услови за работа, до синдикални организации и независни синдикати, до нормално функционирање на инспекциските органи, до соодветни закони и нивно почитување, ќе треба многу време, или како што некој рече во дебатата – најмалку две децении.

ДО ПРЕД ТРИ ДЕЦЕНИИ СО ТЕКСТИЛНИ ПЛАТИ СЕ ЖИВЕЕШЕ ПРИСТОЈНО

Во штипските конфекции и текстилни капацитети уште работат и работници што лебот го вадеа и во претходниот систем, во тогашните гиганти „Македонка и „Астибо“, кога од платите во текстилот се живееше пристојно. Во рамките на „Текстилијадата“, беше отворена и изложба на фотографии од тие години.

Штотуку изградената „Македонка“(лево) и штанд на „Астибо“ на еден од многуте саеми на кои учествуваше (десно)

„Македонка“ почнала да се гради во 1950, а со работа стартувала во 1952 година. Во 1989 стигна до 6.000 вработени, а беше ликвидирана во 2001 година со 3.000 работници. Во годините кога работела успешно, задоволувала 90 отсто од потребите на СФРЈ за ткаенини, а и извезувала во странство. Освен пристојните плати, „Македонка“ за своите вработени изградила и комплекс станбени згради со околу 300 стана, хотел на Дојранско Езеро, камп на Охридско Езеро, одморалиште на Плачковица, во рамките на фабриката функционирале ресторан за општествена исхрана, библиотека, културно-умтничко друштво…

„Астибо“, пак, почнал со работа во 1962 година, а негова основа бил погонот за конфекција на „Македонка“. Стартувал со 300 вработени, а во следните две-три децении стигнал до 4.800 работници, од кои околу две третини биле во Штип, а останатите во дисперзирани погони во седум-осум други македонски градови. Стана еден од најголемите производители на лесна и полутешка конфекција во СФРЈ и водечка модна куќа. Освен солидните плати, во кругот на Астибо“ имаше и модерен ресторан зе бесплатен оброк на вработените, детска градинка за нивните деца, весник, своја радиостаница што преку целиот ден емитуваше програма… Ликвидиран е во 2002 година со 2.050 работници.

Текстилството и конфекционерството во Штип продолжува со 70-80 приватни конфекции кои сега вработуваат седум-осум илјади луѓе.

Тито во „Македонка“ (лево); Киро Глигоров во „Астибо“ (десно)

Поврзани вести

Нема град што држи до себе без свој дувачки оркестар

Лесново со „македонската Етна“ очекува да стане првиот геопарк во Македонија под заштита на УНЕСКО

Херојот на Плачковица и несуден делегат на АСНОМ за 25 дена не го дочека Илинден 1944

Љупчо Шатевски