Image default
ММС-Стории

Штипско Ново Село – едно маало побогато со историја од велеград

ММС, 23.10.2018

Зегин

На површина колку еден фудбалски стадион, во Ново Село во втората половина на 19. и во почетокот на 20. век се родиле и живееле педесетина познати луѓе – револуционери, војводи, комити, атентатори, политичари, научници, академици, од кои добар дел станале познати и надвор од Македонија, во него, како револуцуинерен центар, учителствувале и живееле и Ѓорче Петров, Петар Поп-Арсов, Дамјан Груев и Гоце Делчев, а историчарите сметаат дека феноменот на оваа мала градска населба на периферијата на Штип заслужува и понатаму да се доистражува   

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

На површина само малку поголема од еден хектар или колку еден фудбалски стадион се родиле и живееле кон крајот на 19. и во почетокот на 20. век дури педесетина познати луѓе, од кои добар дел и надвор од македонските граници. Некои од нив биле револуционери, војводи, комити, атентатори, други –  политичари, научници, академици… Толку многу историја на толку мал простор веројатно може да се најде само во штипско Ново Село, една од постарите градски населби на периферијата на Штип. Поради многуте револуционери и големиот револуционерен дух во населбата, Ново Село во предилинденскиот период било еден вид македонски револуционерен центар, во кој кон крајот на 19. век како учители по неколку години престојувале и Ѓорче Петров, Петар Поп-Арсов, Дамјан Груев, како и Гоце Делчев, кој во 1894 година токму тука ја положил и револуционарната заклетва пред камата и револверот.

Стара македонска архитектура, обновени куќи, но и куќи во распаѓање: Ново Село денес

Некои новоселци ја диктирале историјата на Македонија и на Балканот

– Ново Село во вистинска смисла е феномен каков што нема во Македонија, а можеби и пошироко. Дало толку многу значајни личности, иако според бројот на жители е само едно градско маало. Навистина е фасцинантно кога ќе се набројат сите тие личности од толку мала населба. Некои од нив во определени периоди ја имаат диктирано и историјата на Македонија и на Балканот. Треба да се продолжи со вакви истражувања и симпозиуми зашто изучувањето на историјата на Ново Село е поле за работа на долг период и за повеќе генерации истражувачи – истакна Драги Ѓорѓиев, директор на Институтот за национана историја, на првиот научен собир „Придонесот на Ново Село во македонската историја“ што, во пресрет на Денот на револуционрната борба, се одржа во Штип пред четири години.

Војводите Славејко Арсов, Ефрем Чучков, Стојан Мишев (татко на Нада Глигорова, сопругата на првиот претседател на самостојна Македонија, Киро Глигоров), Јордан Ѓурков, Христо Чемков, некогашните долгогодишни водачи на ВМРО, Тодор Александров и Ванчо Михајлов, командантот на македонската војска во Народноослободителната и антифашистичка војна, Михаило Апостолски, потпретседателот на АСНОМ, Емануел Чучков, архиепископот Михаил (Методи Гогов), се само дел од тие познати новоселци.

Ново Село пред околу еден век

Речиси сите се родени и живееле на растојание од само стотина метри – во куќи по сокаците од главната новоселска улица кон Ридарското Маало и во него. Дел од тие куќи уште стојат и некако му опстојуваат на забот на времето. Двокатницата на Зрнцеви, во која младите револуционери ги обучувал Славејко Арсов, е во распаѓање. Малку погоре се куќите на Емануел Чучков и на Петар Џидров, министер за правда во бугарската влада пред околу 90 години… Во центарот на Ридарското Маало е куќата на генерал Михаило Апостолски, која одамна има нови сопственици. Преку улицата, на само десетина метри од неа, е куќата во распаѓање на Тодор Павлов, некогашен претседател на Бугарската академија на науките.

  • – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

ПРВИ СОСЕДИ, А ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА НАУЧНИ АКАДЕМИИ НА ДВЕ ЗЕМЈИ

Двајцата први соседи – Михаило Апостолски и Тодор Павлов, преговарале за повеќе важни прашања како претставници на две држави. Или како претседатели на академии – Апостолски на МАНУ, а Павлов на БАН или, претходно, како воени и државни претставници за воени и политички прашања. По капитулацијата на Бугарија во Втората светска војна и доаѓањето на власт на Отечествениот фронт, Павлов бил и еден од регентите на Царството Бугарија, па во есента 1944 година преговарал една бугарска армија да се вклучи во завршните борби за целосно ослободување на Маkедонија, а потоа да продолжи и на север. На едната страна на преговарачката маса бил тој, а на другата неговите новоселци – Апостолски, како командант на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, и Емануел Чучков, како потпретседател на АСНОМ. Познат е говорот на Тодор Павлов, одржан во октомври 1946 година, по повод пренесувањето на коските на Гоце Делчев од Софија во Скопје.

Ново Село во минатото

„Гоце со сета своја револуционерна дејност и сфаќања практично придонесе многу за развојот на македонската национална свест. Желбите на Гоце се историски факт, кој со никакви извртувања и со никакви провокативни подметнувања и интриги од нашите бугарски реакционери, кои сакаат да го вратат тркалото на историјата, не може да биде одречен. Гоце стана голема македонска легенда. Она што Караџата, Левски и Ботев беа за бугарскиот народ, Гоце беше за македонскиот народ“, рекол Тодор Павлов.

  • – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – – –

Населба на учени луѓе и со многумина револуционери или нивни јатаци

Веднаш под Ридарското Маало биле куќите на Тодор Александров и на Ванчо Михајлов. На местото на куќата на Михајлов од поодамна има електричен трансформатор, а на местото на куќата на Александров има нова куќа на други сопственици, а над неа стои спомен-плоча во чест на Александров подигната во Втората светска војна. Меѓу ретките познати новоселци кој не е роден во тој дел на Ново Село е архиепископот Михаил, кој е роден и живеел на околу 150 метри подалеку, од другата страна на реката Брегалница, а куќата на неговото семејство стои уште, но има други сопственици.

Куќите на Михаило Апостолски (лево) и на г.г. Михаил (десно)

Пред четири години во реконструираната Андонска куќа, градена во стар македонски стил, беше отворен Музеј на ВМРО „Штип и Штипско 1893-1934“ во кој има и 11 восочни фигури на познати новоселци и штипјани од предилинденскиот, илинденскиот и поилинденскиот период – Мише Развигоров, Тодор Лазаров, Дончо Штипјанчето, Владислав Ковачев, Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Панчо Михајлов, како и на македонските револуционери што по потекло не се штипјани, но дел од револуционерната дејност ја имале тука – Гоце Делчев, Дамјан Груев, Петар Поп-Арсов и Ѓорче Петров. Многумина новоселци сметаат дека Ново Село одамна заслужувало музеј, но и оти во него морало да има место и за познатите новоселци од периодот на НОВ и потоа, како Апостолски, Чучков, архиепископот Михаил…

Музејот во Ново Село

Емилија Коруновска, историчарка во штипскиот Завод и Музеј, вели дека првите податоци за постоењето на населбата Ново Село потекнуваат од 13. век, а во неа секогаш живееле исклучиво само Македонци. За време на владеењето на султанот Мурат II (1421-1451) Ново Село станало војничка и стражарска населба, па имала посебни права и привилегии.

– Таквиот статус на новоселци влијаел многу позитивно на нивниот економски, културен и политички живот, достигнувајќи го својот расцут во 19 век, кога во Ново Село живеат голем број богати, учени и прочуени стари семејства, кои главно се занимавале со трговија и занаетчиство. Куќите во Ново Село најчесто биле градени на два ката, во стар македонски стил, со големи чардаци, со дворови полни со цвеќе. Многу новоселци се вклучуваат во револуционерното движење, а дел биле и јатаци на македонските револуционери – истакнува Коруновска.

Музеј под ведро небо

Дел од куќите во последните години се реконструирани, но уште многу чекаат на санација

По Илинденското востание, повеќемина новоселци заминале во Бугарија, а по балканските војни и заминувањето на многу Турци од Штип, некои новоселци се преселиле да живеат во потесното градско подрачје. Новоселци на шега велат дека не е вистински штипјанец тој што барем малку нема новоселски корен и додаваат оти иако останале само околу 1.500, 30 пати помалку од вкупниот број жители на Штип, според историските личности биле рамноправни со тие што се родени во потесното градско подрачје, како Киро Глигоров, Никола Кљусев, Александар Грличков, Димче Беловски, Ацо Шопов…

„Гоцевото школо“ (сега Ректорат на УГД) и црквата „Успение на света Богородица“

Со сета стара македоска архитектура, со куќите на познатите новоселци што се’ уште целосно не ги уништил забот на времето и со другите знаменитости на оваа населба, Ново Село може да биде вистински музеј и на отворено, под ведро небо. Во последните години дел од тие куќи се санирани, но дел и понатаму се распаѓаат, па се и опасност за жителите. Старото училиште во кое предавале плејада македонски револуционери, кое е веднаш до црквата „Успение на пресвета Богородица“, која во предилинденскиот период била и скривалиште на револуционерите, е реконструирано и сега е Ректорат на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Поврзани вести

За повеќе од 20.000 луѓе од третото доба во источниот регион има само еден старски дом со 15 места

Додека Македонија ита кон ЕУ, узурпираниот јавен простор го заостанува Скопје зад европските метрополи

Дрвокрадците ја масакрираа Шар Планина до непрепознатливост