Image default
Вести Македонија

Медиумите поддржувачи на Груевски под лупа на Специјалното јавно обвинителство

Најголемите медиумски поддржувачи на политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ незаконски „заработиле“ 30 милиони евра од државниот буџет во периодот од 2010 до 2015 година. На ова се темели истрагата „Пропаганда“ на Специјалното јавно обвинителство. „Пропаганда“ која е една од шесте нови истраги на оваа институција опфаќа девет лица меѓу кои: Никола Груевски, Кирил Божиновски, Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева велли дека за нив постои основано сомнение за сторени кривични дела – злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластување.

Зегин

Предмет на оваа истрага е влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање на товар на буџетот на РМ, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Зегин

Имено, постои основано сомнение дека осомничените девет лица формирале злосторничко здружение на чие чело бил осомничениот Никола Груевски кој, заедно со осомничените Кирил Божиновски и Ацо Мисајлоски создале група што имала за цел вршење на кривични дела против службената должност.

Делувањето на групата било во две насоки и тоа: преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, осомничениот Кирил Божиновски заедно со осомничениот Никола Груевски, спротивно на Законот за спречување на корупција и Законот за радиодифузна дејност доделувале договори за набавка на услуги – купување на термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи радиодифузери кај кои можеле да влијааат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Станува збор за радиото Слободна Македонија и седум регионални телевизии, кои беа купени и ребрендирани, со цел да се покрие територијата на цела Македонија и тоа: ТВ К3 – во Куманово, ТВ Телеканал
А1 – во Струмица, ТВ Канал плус – Штип, ТВ Ултра – Тетово, ТВ К1 – Велес, ТВ О2 – Охрид и ТВ Мега ХД – во Битола, повеќе во сторијата за регионални телевизии.

Специјалната обвинителка Катица Јанева, во телевизиско интервју кажа дека телевизиите и радиото се купени со владини пари, преку луѓе блиски до власта.
– Овие седум телевизии и радиото се купени со владини пари преку останататите лица кои што се осомничени, тие биле сопственици и во исто време, на нивните програми се емитувале и се финансирале со големи суми, рекламни спотови за политичката партија ВМРО ДПМНЕ, изјави Јанева.



За оваа цел во периодот од 2010 до 2015 година од Буџетот на РМ биле исплатени 30 милиони евра, од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ.

Воедно, делувајќи по планот на групата, осомничените Никола Груевски и Кирил Божиновски, помогнати од останатите осомничени лица припадници на групата, во насока на влијание на јавното мислење, спротивно на Законот за радиодифузија и Законот за спречување на корупција, организирале преземање и работење на седум локални телевизиски станици и едно радио, со што прибавиле значителна имотна корист за овие радиодифузери во вкупен износ од околу 5.250.000 евра.

Имено, осомничениот Никола Груевски донел одлука партијата ВМРО-ДПМНЕ да има учество во сопственоста и да ја организира и раководи уредувачката политика на седумте локални ТВ станици и едно радио, иако вакво нешто е спротивно на законите.

Осомничениот Кирил Божиновски, помогнат од другите осомничени припадници на групата го спровел преземањето на телевизиските станици и радиото и ја организирал нивната работа.

Целокупното делување било во насока да се прикрие кој реално ја има сопственоста и контролата на медиумите, а самото финансирање на медиумите било од буџетски средства преку доделување на договори за услуги – купување на термини за телевизиско и радиско емитување на спотови на Владата на РМ.

Воедно за финансирање на овие медиуми биле искористени буџетски средства и на индиректен начин, така што правни лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи учествувале во финансисрање на овие медиуми, а ваквиот начин на финансисрање бил овозможен токму од осомничените лица.

Сепак, според Груевски истрагите на СЈО се како што вели тој, продолжување на политичкиот прогон кон сегашни и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а во контекст на слабеење на позициите на партијата и нејзини поединци, како и во контекст на промената на името по неуспешниот референдум.

„Накратко, политичкиот прогон кој се спроведува преку СДСМ продолжува и се интензивира. СЈО не е ниту независна, ниту неполитичка ниту непристрасна институција. СЈО е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици и што подолго одржување на власт на СДСМ“, реагира Груевски на социјалната мрежа Фејсбук.

Инаку, дел од медиумите кои се под лупа на Јанева веќе се затворени, откако на вработените со месеци не им беа исплаќани платите.

Поврзани вести

ИОМ: 21 тело испливало на брегот на Средоземното Море

Тринаесет лица полесно повредени во сообраќајки во Скопје

Кривична пријава за Јакимовски и четворица негови соработници