Image default
ММС-Стории

Тиквешките лозари богаташи со живот на вересија

Тиквешките лозарите се богати луѓе, ама само на откупните белешки. Реално живеат „живот на почек“, со секојдневие кое се сведува на вересија. Ги има многу во Тиквешијата. Неколку стотици земјоделци, кои чекаат да ги добијат своите пари заработени чесно со труд и пот,по ветер дожд и сонце на лозовите насади.

Зегин

Пишува: Билјана Тошевски

Зегин

Кавадарчанецот Зоран Зоков е еден од многубројните лозари, кој заедно со семејството обработува 100 хектари лозја. Ја дели судбината на останатите лозари,  кои деноноќно молат кај винариите да ги добијат своите пари. Само винаријата „Стефани“ му должи 8000 евра. Зоков вели дека не бара ништо повеќе, освен парите за  продаденото грозјето, од кое винариите профитирале со продаденото вино, а тој не видел никаква полза од тоа.

– Винариите манипулираат секоја година со нас, а ние работиме за бадијала. На лозјето сме цело семејство од утро до вечер,регистрирани земјоделци,работиме за гола егзистенција. Грозје има многу, ама пари нема.Чекам пари од винаријата „Стефани“,дел од парите кои останаа таму се на име на сопругата и на татко ми.  На хартија имам само 8000 евра во „Стефани“. А каде се парите што ми пропаднаа од Винеа?! Имам пари,  а без пари! И не знам кога ќе ги земам. Мора државата да изнајде начин да ги санкционира откупувачите, кои не се доследни на ветеното, револтирано се жали овој голем лозаро-производител.

Со Зоков иста судбина дели Зоран Пешков од Кавадарци, регистриран земјоделец, кому производството на грозје му е главна дејаност. Пешков располага со 26 декари лозови насади. На нива работи заедно со семејството секој ден од утро до мрак. Но, и покрај тоа што, како што вели чесно произведел и продал грозје,  сега пари има само на хартија. Од 2015 година од винаријата „Стефани“ има за земање околу 5000 евра и не знае кога и дали воопшто ќе ги добие.

– Чекаме и никако да наплатиме. За тоа време се отиде со цените нагоре – ако вештачкото ѓубриво пред некоја година го плаќавме вреќа од 50 килограми по цена од 500 до 700 денари, денеска таа цена ја плаќаме за половина количина, а јас трошам по 26 вреќи задолжително. За заштитните средства па и да не стане збор. Изгор цени, а мора да се купи. Давам 600 евра годишно, мора да се заштити лозјето, секоја година проблеми, ни се пожали овој млад земјоделец.

Зоков и Пешков се дел од големата група лозари, кои се судат со откупувачите, меѓутоа, тешко ги наплаќаат правосилните судски пресуди.

„На хартија имам само 8000 евра во „Стефани“. А каде се парите што ми пропаднаа од Винеа?! Имам пари,  а без пари! И не знам кога ќе ги земам“
Зоран Зоков, лозар

Владата да создаде пазарен амабиент како ЕУ
Огромен револт има кај претседателот на Здружението „Напредни лозари“, Трајче Кулев. Според него, новата реколта на винско грозје започнува за петнаесеттина дена порано, а бројни откупувачи не даваат информација која ќе биде откупната цена.

– Се сретнавме со претставници на винаријата „Тиквеш“. Им ги кажавме нашите цени, но тие останаа без одговор,само ни рекоа дека оваа година имаат потреба од поголеми количини на грозје,  а за начин на исплата не сакаа да коментираат. Има визби кои се’ уште должат на лозарите и затоа нормално е да стравуваме дека државата повторно ќе им дозволи да откупуваат, смета Кулев.

Сега Здружението бара од Владата, надлежните министерства и институците создавање на исти пазарни услови за производство и продажба на грозје како во соседството и Европската Унија.

– За надминување на овие проблеми треба да се создаде пазарен амбиент компатибилен со пазарите на Европската Унија и пошироко, а Владата може да направи многу. Таа како директна помош дава многу средства за помош на земјоделското производство. Со средствата што треба да ги добијат земјоделците како помош од Владата, да се организира истите средства да можат да бидат како гаранција при купување заштитни средства. Со ова ќе се заинтересираат повеќе фирми, а и заради сигурноста цените значително ќе се намалат, вели Кулев.

„Има визби кои се’ уште должат на лозарите и затоа нормално е да стравуваме дека државата повторно ќе им дозволи да откупуваат“
Здружение „Напредни лозари“

Членовите на ова здружение се на став дека владата треба исто да обезбеди услови и да помага произведеното грозје да се откупува по пазарни цени како во соседството и земјите од ЕУ.

– Ако сите декларативно се залагаме за влез во ЕУ тогаш треба да ствараме амбиент на пазарот ист како во ЕУ, а досега ова не е направено заради интересот на поединци, а на штета на лозарите и Република Македонија,изјавуваат од Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци.

Лозарите се обратиле секаде, вклучувајќи ги и политичарите. Затропале и на вратата на пратеникот Панчо Минов, кој е поранешен градоначалник на Кавадарци. Минов е оптимист дека винариите ќе дадат повисока цена за грозјето за разлика од минатите години.

– Годинава поради намалениот род на грозје сметам дека ќе има зголемена побарувачка на грозје, бидејќи и винариите немаат големи залихи на вино. Интензивно се разговара за откупната цена на грозјето да биде позната пред стартот на бербата, вели Минов.

Тој се осврна и на долгот на винаријата „Стефани“ кон лозарите. Пратеникот е на став дека најверојатно стечај ќе биде решението за оваа винарија, а од стечајната маса да се исплати долгот кон лозарите.

Неповолна година за лозаропроизводството

Земјоделските стручњаци уште на почетокот на летото ги предупредуваа лозарите дека лошите временски услови можат да ја уништат сезоната.Професор Ристо Вучков, експерт за заштита на растенијата, вели дека само лозарите кои навреме ги третирале насадите со хемиски средства против болести и штетници и ги слушале стручните совети, годинава имаат задоволителни резултати.

– Мора да признаеме и таму има намалување на родот, но не во такви рамки како кај останатите, кои третираа стихијно и по сопствено убедување. Оваа исклучително лоша година за земјоделството, пред се’ за лозарството, треба да биде поука за лозарите, дека во производството, покрај нивната пракса и искуство, треба да ја почитуваат и науката, рече професор Вучков.

Каде се проградобијните рекети?
Лозарите на средбата во Неготино побараа и враќање на противградобијните ракети, поддршка за автохтони сорти кои можат да бидат конкурентни на пазарот, засилена контролата при издавање на лиценци за лиценцирани откупувачи од страна на надлежните институции како и создавање правила и услови преку правна регулатива,  за продажба од куќен праг на преработки од грозје.

Дел од винариите ги објавија откупните цени

За да немаат крај на лозарските маки, винариите секоја година тактизираат со откупните цени. Одбија да ги коментираат предложените производствени цени на лозарите. Прва се јави винаријата „Тиквеш“ од Кавадарци,од каде соопштија дека стартуваат со откуп на висококвалитетните сорти шардоне, рајнски ризлинг, темјаника, италијански ризлинг, совињон бел и траминец. Главниот енолог во визбата Марко Стојаковиќ информира дека цените на грозјето, од сортите, шардоне, рајнски ризлинг, италијански ризлинг и совињон бел се 19 денари за општа берба, а 22 денари ќе се плаќа за килограм грозје пакувано во гајба. Исплатата,најави дека ќе биде во рок од три дена. Темјаниката и траминац ќе се откупуваат за 25 денари, додека за во гајби цената изнесува 28 денари.

Стојаковиќ вели дека е сеуште рано да се калкулира со цената на најзастапените вински сорти вранец и смедеревка, но оти не верува дека ќе има недостиг на грозје какви што се прогнозите.

„Повардарие“  пак има долг кон лозарите за 2015 година. На лозарите со асигнација визбата должи околу 47,4 милиони денари.

Свое барање околу цената има и Националната федерација на фармери на Македонија. Од таму бараат минимална заштитна цена за грозјето рамна на производствената, 16 денари за килограм смедеревка и 17 за вранец.

Претседателката на Федерацијата, Васка Мојсовска вели дека од лозаропроизводство живеат илјадници семејства од Тиквешијата, а Македонија е земја на виното и грозјето.

– Не е направен никаков исчекор во поглед на цената на најзастапените сорти смедеревка и вранец во последниве 10 години, иако трошоците на производството се зголемени дури и за над 50 проценти, вели Мојсовска.

Субвенциите се спас за лозарите

Состојбите во лозаро производството не се нови ниту пак изненадуваат зашто истите се актуелизираат години наназад кога грозјето веќе стасува за берба, а со тоа и маките на производителите каде и по која цена да се продаде. Иста слика е и оваа. Според познавачите, субвенциите се добредојдени и од голема помош особено во услови кога е лоша реколтата на грозје. Сепак, сметаат, Владата мора да изнајде начин преку кој производството на грозје конечно ќе има подобри денови.

Новата берба на винското грозје ќе започне деновиве, но таа стартува со долгови од визбите кон лозарите. Се’ уште има визби кои должат. Лозарите стравуваат дека повторно ќе им се дозволи да откупуваат, што е најмалку посакувано сценарио.

Поврзани вести

Штипско Ново Село – едно маало побогато со историја од велеград

Дрвокрадците ја масакрираа Шар Планина до непрепознатливост

Осми трубачки фестивал во Пехчево – македонската Гуча ја реактивира и стимулира долгогодишната традиција на дувачките оркестри