Image default
Вести Култура ММС-Стории

Лесново со „македонската Етна“ очекува да стане првиот геопарк во Македонија под заштита на УНЕСКО

ММС, 07.08.20

Зегин

Вулканскиот кратер кај пробиштипското село е еден од најсочуваните на Балканот, трагите од големите вулкански ерупции се се’ уште видливи,  а Лесново располага и со многу други убавини, па пред две години беше поведена иницијатива да биде прогласено за геопарк под заштита на УНЕСКО, а ако постапката заврши успешно, тоа би можело да се случи кон крајот на следната година 

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

Македонија расолага со многу природни убавини и реткости, од кои некои се вистински ремек-дела на природата, но досега многу малку сме искористиле некој бенефит од нив, иако ползата, особено на туристички план, може да биде многу голема. Една од тие реткости е вулканскиот кратер кај пробиштипското село Лесново, еден од најсочуваните фосилни или изгаснати кратери на Балканот, кој и во европски рамки има исклучителна вредност. Лесновскиот Кратер е споменик на природата и е на списокот природни раритети на Републичкиот завод за заштита на природните реткости. Познатиот балкански географ и геолог Јован Цвииќ Лесновскиот Кратер го споредува со стариот кратер на италијанскиот вулкан Етна, Вале дел Бове.

Направени првите поконкретни чекори за афирмација на природниот бисер

Конечно, во последните неколку години почнаа да се преземаат поконкретни чекори со овој до скоро скриен природен раритет да се запознае јавноста и пошироко да се афирмира природниот бисер, а доколку се реализира иницијативата од пред две години Лесново да стане првиот македонски геопарк може и да се очекуваат соодветни ефекти.

Некои од пештерите се природни, а други издлабени од човечка рака

– Лесново има потенцијал да биде номиниран и да стане прв геопарк во Македонија под заштита на УНЕСКО. Во фаза сме на изработка проектна задача, а ќе бидат ангажирани и експерти во подготовката на апликација за номинација во глобалната мрежа на геопаркови на УНЕСКО, што треба да ја направиме до средината на идната година. Апликацијата се доставува до Националната комисија за УНЕСКО, која е составена од членови од министерствата за култура и за животна средина и просторно пламирање, а потоа таа комисија во име на Република Македонија ја поднесува до Управниот одбор на УНЕСКО, кој, откако ќе дојдат негови инспектори на терен, одлучува дали локалитеот ќе биде прогласен за геопарк под заштита на УНЕСКО – вели Андреа Златковска, координатор на проектни активности поврзани со екотуризам во Центарот за развој на Источниот плански регион (ЦРИПР).
ЦРИПР е носител на проектот, во соработка со општините Пробиштип и Кратово, а зад проектот стои и Програмата за заштита на природата, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка, која во повеќе наврати кај нас финансираше вакви и слични проекти. Неодамна беше завршен и проект за поставување и осветлување патеки во Лесново, постојки за набљудување на несекојдневните геолошки форми, информативни табли и други содржини потребни за промоција на природното богатство на лесновската област.

Пештерите ги посетуваат се’ повеќе туристи, авантуристи, вљубеници во природата

Вулканските бомби доказ за силните ерупции со многу лава, пепел и гасови

Вулканот во оваа област бил активен пред околу 20 до 30 милиони години, а се одликувал со силни и екплозивни ерупции, проследени со исфрлање на многу пепел, лава и гасови. И денес се останати траги од течењето лава, а меѓу највечатчливите се вулканските бомби или топки. Лесновскиот Кратер се наоѓа на надморска височина од 850 до 1.127 метри, а самото село Лесново, кое е во средината на кратерот, е на 900 метри.
Вулканот бил дел од геоморфологијата на познатата Кратовско-Злетовска вулканска област, а како продукт на обемната вулканска активност се и наоѓалиштата на бакар, сребро, на неметални минерални суровини, како и на олово и цинк, кои и денес се вадат во блиските осоговски рудници „Злетово“ од Пробиштип, „Саса“ од Македонска Каменица и „Тораница“ од Крива Паланка. На површината на речиси целата структура на Лесновскиот Кратер, што се протега на повеќе од 12 квадратни километри, опружена со ридови, кои формираат природен амфитеатар, може да се видат во карпите многу вдлабнатини – дупки и пештери, од кои најголем дел не се природни, туку направени од човекот низ вековите. Во неколку од нив се формирани пештерски цркви, па во тие пештери некогаш се одвивл и монашки живот.


Вo некои од пештерите некогаш се одвивал и монашки живот

– Речиси секое лесновско семесјство во минатото си имало по една пештера или дупка, од која се вадел цврст и квалитетен вулкански камен. Од него се изработувале надалеку прочуените лесновски воденички камења, кои се продавале и во Солун, во соседните земји, а и денес добар дел од преостанатите воденици во Македонија користат лесновски воденички камења. Но, класичното воденичарство кај нас е пред целосно изумирање, па сега само еден човек, лесновецот Никола, прави овде воденички камења и тоа главно по нарачка за сувенири и мали домашни воденици – истакнува хроничарот Стојан Стефановски-Лесновски.
Лесново е познато македонско село, кое на истата локација е повеќе од илјада години. Во него е и познатиот манастир „Св. Гаврил Лесновски“, изграден во 14 век, врз темели на поранешен храм. Лесновци во последните години по малку почнаа да ги користат природните и културните реткости на селото и неговата околина за да привлекуваат повеќе гости и туристи. Оспособени за сместување се повеќе соби во старите автентични лесновски куќи, некогашното училиште сега е етномузеј со постојана поставка, а во него има и неколку соби за ноќевање, отворена е меана во која лесновки за викенди и празници, кога има повеќе гости и екскурзии во селото и во манастирот, подготвуваат традиционални јадења.

На прзници се собираат многу луѓе во селото и покрај Лесновскиот манастир

Македонските експерти во оваа област сметаат дека Лесново заслужува да добие статус на геопарк и оти искуствата со геопарковите во Европа биле многу позитивни, особено кога се во недоволно развиени места, па многу придонесувале за нивен подинамичен развој.

„ЕТНА Е ТУРИСТИЧКА АТРАКЦИЈА, ЗОШТО ДА НЕ БИДЕ И ЛЕСНОВО?“

Хроничарот Стојан Стефановски-Лесновски уште во неговата монографија „Илјада години Лесново“, издадена во 2003 година, порача дека е неопходно да се преземат мерки за заштита на пределот и за поширока афирмација на тој природен бисер на Осоговските Планини.

– И пред повеќе од две децении до надлежните институции во државата испратив текстуална проект-студија за туристичко облагородување на просторот на Лесновскиот Кратер. Везув или Етна, со која го споредуваат нашиот кратер, се туристички атракции во Италија, па зошто и ние да не направиме нешто многу поконкретно. Добро е што се води постапка овде да биде прогласен првиот геопарк во Македонија под заштита на УНЕСКО. Мислам дека тоа може да го препороди овој крај. Во Лесново, село со долга традиција, кое има и своја химна и грб, а некогаш било и седиште на општина, сега останаа постојано да живеат само неколку десетици луѓе, но верувам дека ако се реализира идејата работите ќе се променат и оти се отвораат убави перспективи и за селото и за регионот – смета Лесновски.

Поврзани вести

Обвинтелството отвори истрага за говорот на омраза во врска со пожарите во Грција

Вања Мицевска

Дневен билтен на Општина Штип – 04.06.2018

Во Јапонија измерена рекордно висока температура