Image default
Вести Култура

„Астибо-фест 2018“ – дводневен празник на староградската песна, серенадата и на шлагерот

На дводневниот фестивал во Штип учествуваат хорови, ансамбли и групи од Македонија и од Бугарија, „Астибо фест“ се одржува вторпат, ќе биде традиционален и од в година ќе се одржува во првата половина на секој септември

Зегин

Хорови, групи и друштва од Македонија и од Ќустендил, Бугарија, учествуваат на вториот интернационален фестивал на камерни хорови и пејачки групи што синоќа беше отворен на летната сцена на Мултимедијалниот центар на „Канал 77“, а вечерва е втората фестивалска вечер. Организатор е штипскиот Градски хор, а фестивалот е поддржан од Министерството за култура, од штипската локална самоуправа преку програмата на годинашното Штипско културно лето, партнер на „Астибо фест“ е „Радио кафе Канал 77“, а медиумски покровител Радио мрежа „Канал 77“.

Зегин

Првата фестивалска вечер беше резервирана за камерни хорови, а втората е за пејачките групи. Публиката може да ужива во староградски и народни песни, серенади, но и во познати домашни и светски шлагери, а по нешто и од класичната музика, што на сцената ги исполнуваат Градскиот хор од Штип, вокалната група „Смирна“ од Скопје, „Распеани паланчани“, „Распеани радовишани“ и „Еделвајс“ од Ќустендил.

„Астибо-фест“ има ревијален карактер, со цел да се потенцира љубовта кон музиката, чувањето на традицијата и оригиналниот музички израз, истакнуваат од штипскиот Градски хор, кој пред две години го подмлади членството, го прошири репертоарот и учествува на повеќе вакви фестивали во земјата и во странство од каде што често се враќа со награди.

– Основната поента ни е да ја поттикнеме љубовта кон музиката. Лани, на првиот „Астибо-фест“, имавме само пејачки групи. Од годинава фестивалот ќе трае два дена, а го проширивме и со камерни хорови, со што се потенцира различноста на репертоарот и на уметничкоот израз. Среќни сме што публиката е многу задоволна од она што го слуша во овој прекрасен амбиент – вели Ивана Ѓурѓевиќ – Јанков, уметнички раководител на „Астибо-фест“ и диригент на Градскиот хор од Штип.

Задоволни се и гостите од соседна Бугарија – групата за стари градски песни „Еделвајс“ од Ќустендил, основана во 2005 година, инаку иницијатор на реномираниот фестивал „Пеј, срце“ што секоја година се одржува во тој град, а членовите на групата се професионални музичари.

Имаме повеќегодишна соработка со штипскиот Градски хор, но и со други друштва и ансамбли од Штип и од Македонија. Неодамна кај нас имаше фолклорен фестивал, а гости ни` беа дури стотина фолклористи од Штип. Градскиот хор од Штип пред две години на „Пеј срце“ во Ќустендил освои и Гран при. Планираме во најскоро време да основаме асоцијација на трансгранични градови од Бугарија и од Македонија, па со проекти ќе аплицираме за средства од ЕУ директно во Брисел – исткнува Иван Андонов, директор на Домот на културата во Ќустендил и претседател на комисијата за меѓународна соработка и регионален развој на Општината Ќустендил.

Организаторите на „„Астибо-фест“ најавуваат дека фестивалот ќе биде традиционален и од в година редовно ќе се одржува во првата половина на секој септември.

Поврзани вести

Смртоносен топлотен бран во Јапонија

Матис и Мичел доаѓаат во Македонија за поддршка на референдумот

„Југохром“ нема да почне со работа додека не бидат ставени филтрите