Image default
ММС-Стории

Гранични премини – нова надеж за Клепало, Црна Скала и Ајдутски Кладенец може да останат неостварен сон

Македонија досега вложи повеќе милиони евра за подготвителни работи и за изградба на инфраструктура до трите одамна планирани нови гранични премини, но таквите активности изостанаа од нашиот источен сосед, па ниту еден од премините не е отворен, сега има нова надеж за Клепало кај Берово, до кој уште пред две децении од македонска страна беа изградени патот и граничниот објект, а Ајдутски Кладенец кај Пехчево и Црна Скала кај Делчево како да се подзаборавени

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

Зегин

Уште од одамна најавуваните, но уште неотворени нови гранични премини кон речиси сите македонски соседни земји и понатаму им создаваат големи тешкотии на граѓаните, патниците, туристите, стопанствениците, кои за да стигнат до определена дестинација во соседството мора да кружат и да поминуваат многу повеќе километри преку постојните премини. Веројатно најкарактеристичен и најчуден е примерот со планираните уште пред повеќе децении нови гранични премини со Бугарија, нашиот источен сосед, со кој одамна граничната линија се минува на три гранични премини – кај Крива Паланка, Делчево и кај струмичко Ново Село. А одамна се највуваат уште три нови гранични премини – Клепало кај Берово, Ајдутски Кладенец кај Пехчево и Црна Скала помеѓу Делчево и Македонска Каменица, локации во кои Македонија досега вложи повеќе милиони евра за инфраструктура и подготвителни работи, но од бугарска страна не беше направено ништо, па премините уште не се отворени, а два од нив – Црна Скала и Ајдутски Кладенец, може да останат и само неостварен сон.

Изградената ифраструктура пропаѓа

Најнадежна е ситуацијата со преминот Клепало, иако приказната и апсурдите поврзани со него траат три децении. Македонија на местото на планираниот граничен премин уште во 1993 година изгради тогаш современа зграда за потребите на царината и на полицијата од двете земји. Бугарија, пак, таков заеднички објект требало да гради на еден од другите два планирани нови гранични премини – Црна Скала или Ајдутски Кладенец. Во 2000 година од наша страна целосно беше изграден и патот од Берово до Клепало, долг 17 километри и широк девет метри.

Изградената зграда на Клепало во која требаше да работат пограничните служби на двете земји

Но, од бугарска страна, и покрај многуте најави, не беше преземено речиси ништо за изградба на преостанатите километри од патот Струмјани – Клепало, па граничниот премин уште не е отворен, а изградената инфраструктура од македонска страна пропаѓа. Останаа безуспешни и многуте барања од општини, невладини организации и туристички асоцијации од двете страни на границата за отворање на преминот. Сега, по кој знае кој пат, се јавува нова надеж за Клепало, а беровци веруваат дека конечно ќе се реши проблемот со преминот и оти, како што неодамна беша најавено и од бугарска страна, до крајот на 2020 или најдоцна до почетокот на 2021 година преминот Клепало ќе биде во функција. Соседот во првата фаза во текот на годинава треба да изврши поправка и санација на првите 16 километри од патот од нивна страна, што ќе чинело околу пет милиони евра, а во бугарскиот буџет за 2019 ќе бил ставен и проект за доизградба и изградба на последните десетина километри пред самиот премин.
– Ова досега се најконкретни чекори од нашиот сосед, а не се сомневаме дека планираното ќе се реализира зашто и при подготовките за потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија на Клепало му беше посветено големо внимание, па веќе се работи и на терен од бугарска страна. Нагризаните од забот на времето зграда и пат од нашата страна очекуваме да се санираат во 2019 година, за што е разговарано и со Агенцијата за државни патишта. Преминот Клепало ќе значи многу и за нашата и за општината Струмјани, од другата страна на границата со која сме збратимени, но и за цел Малеш, за Македонија и за Бугарија. Ќе има многу побрз проток на луѓе, стоки, а преку новиот премин растојанието од Берово до автопатот Софија – Кулата што води кон Грција и кон бугарската престолнина ќе биде само четириесетина километри – истакнува Ѓорѓи Пеовски, раководител на одделението за локален економски развој на Општината Берово.

Некои веќе инвестираа, повеќето чекаат отворање на преминот Клепало

Отворање на Клепало, освен луѓето од двете страни на границата, меѓу кои многумина се роднини, со нетрпение очекуваат и многу стопанственици, особено од туристичкиот сектор. Многумина планираат отворање нови или проширување на сегашните хотели и други сместувачки капацитети. Очекуваат странски туристи што ги посетуваат атрактивните туристички локалитети од другата страна на границата, како Банско и Сандански, да доаѓаат и да одмораат и во убавините на Малеш од нашата страна на границата, а Малешевијата со преминот да стане многу пофреквентна и за транзитен туризам.
Впрочем, уште по изградбата на зградата и на патот од Берово до Клепало, кој води и покрај атрактивното Беровско Езеро, покрај новоизградениот пат почнаа да никнуваат повеќе викендички и вили, од кои дел се комерцијални, чии сопственици се надеваа дека фрекфенцијата на граничниот премин Клепало ќе носи многу гости и туристи во тој убав предел во пазувите на Малешевските Планини. Меѓу тие што инвестираа беше и Тодор Момировски, кој, откако во 2007 година од бугарска страна било најавено дека ќе се гради патот Струмјани – Клепало, почна да го гради мотелот „Клепало“, кој е на само 500 метри од неотворениот граничен премин.

Мотелот “Клепало” е на само 500м од неотворениот премин Клепало

– Се измачив. Нема водовод и канализација, па тоа го решавав сам. Нема ни електрична енергија на последните два километра пред границата, па неколкуте објекти како нашиот мотел, една комерцијална вила и едно бачило, во кое се приготвува и служи традиционална малешевска храна за туристи, сме без струја, а бидејќи преминот не е отворен нема интерес за решавање на проблемот. Поставив фотоволтаици, но тоа е скапо и не е решение за зимскиот период – вели Момировски.
Мотелот со 11 соби, бар и ресторан почнал со работа во 2014 година само за викендите лете, а од наредната година и преку целиот летен период, но засега одело многу тешко, поради неотворениот граничен премин и немањето електрична енергија.
– Имаше многу ветувања од бугарска страна дека проблемот ќе се реши. Во 2014 година направивме и потпшавме документ со асоцијацијата „Балканија“, градоначалниците на Берово и на Пехчево, како и на Струмјани и на Симитли, двете соседни општини од другата страна на границата, и го доставивме до надлежните институции. Ефект и тогаш немаше. Сега се надевам дека пробемот со граничниот премин конечно ќе се реши. Деновиве видов дека од бугарската страна веќе се работи на планираните зафати. Очекуваме да се изврши и реконструкција и санација на веќе изградените објекти од нашата страна, а и електричната енергија конечно да стигне до овде – истакнува Момировски.

Ајдутски Кладенец и Црна Скала подзаборавени

Дел од тампонираниот пат до Црна Скала со заштитни и потпорни ѕидови, кои сега се нагризани од забот на времето

Ајдутски Кладенец и Црна Скала, пак, како да се подзаборавени. Во 2001 година Владата на Македонија издвоила средства во висина од 30 милиони денари за земјени работи и пробивање на пат од Пехчево до планираниот премин. Бил извршен откуп на земјиште од помал дел од приватните сопственици. Во 2002 од македонска страна беа потрошени 1,7 милион евра од продажбата на телекомот за пробивање и тампонирање на десетте километри пат од Делчево до Црна Скала, покрај кој на повеќе места се направени потпорни и заштитни ѕидови. Се проценуваше дека за завршување и асфалтирање на патот се потребни уште толку пари. Но, бидејќи со проектот не се почна од бугарска, работите и овде беа сопрени и од наша страна.
– Штета, ако се направеше граничниот премин Црна Скала, покрај другото, ќе живнеше овој пасвен крај од двете страни на границата кој како да е заборавен од сите. Се надевам дека ќе се најдат сили, и од наша, а особено од бугарска страна, преминот во догледно време да се отвори. Забот на времето си го прави своето, па многу малку видливо оставил и од вложените пари за тампонираниот пат – вели Славчо Десподов, историчар од Делчево.

 

Со преминот би живнал овој пасивен крај од двете страни на границата: Историчарот Десподов кај Црна Скала

Од делчевската лоална самоуправа истакнуваат дека кај нив останува тенденцијата да се работи на иницијативи и лобирања за отворање на долгоочекуваниот премин, со кој патот до Ќустендил и до Софија би се скратил за 40 километри, што би значело многу за луѓето и за економскиот развој на регионот.

Поврзани вести

Штипски „баскетболисти“ пред 85 години го одиграле првиот кошаркарски меч во Македонија

Рудниците направија градови од Пробиштип и од Каменица, но требаат алтернативи зашто рудата не е неисцрпна

Берберниците се’ поретки и полупразни, па остануваат само сеќавањата кога беа и како дебатни клубови и читални