fbpx
Image default
Вести Македонија

Одлуката за датум за преговори следната година – За Владата големо признание, за опозицијата понижување (Видео)

Отворање на преговорите за пристапување во Европската унија и добивањето покана за НАТО би дало одлучувачки придонес за успешно спроведување на историскиот договор со Грција и за подобра иднина на македонските граѓани – ова е пораката што од Виена ја испрати премиерот, Зоран Заев по одлуката Македонија да добие датум за старт на преговорите за пристапување.
На дебата што ја организираа Институтот и Европскиот фонд за Балканот (ЕФБ) и Балканската советодавна група за политика во Европа, Заев истакна дека европските граѓани во граѓаните на Македонија добиваат сојузници во напорите за развиен, стабилен и свет на просперитет.

„Македонија направи голем скок напред само за една година, од работ на неуспех кон нашите најголеми аспирации – ЕУ и НАТО. Кога го потпишавме договорот со Грција за решавање на спорот и стратешкото партнерство поместивме планини и не треба да се сомневаме, тоа беше постигнато со нашата чесна желба за подобра сегашност и иднина на граѓаните на Македонија, регионот, Европа и светот. Чудата се можни кога цврсто веруваме во вредностите, а тоа во случајот со Македонија се европските вредности што не’ поттикнаа да го изложиме целиот наш политички кредибилитет и да бидеме транспарентни, ова е нашиот пат, ние се отвораме кон целата политичка и општествена јавност и затоа напредуваме“, рече  Заев.

Тој потсети дека Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ во 2001 година, доби кандидатски статус во 2005-та година и првата препорака во 2009-та година, кога остана во „чекалната” за подготовка за преговори за пристап:

„Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние сме охрабрени од стратегијата за проширување на ЕУ. Ние ги имплементиравме условите поставени од страна на ЕУ во 2014/2015 година и имаме јасна препорака“.

Од Владата пак, испратија соопштение во кое наведуваат дека вчерашниот ден е голем за Македонија.

Европската Унија и лидерите на сите земји членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, на динамичен процес на реформи, на инклузивност и на општествен дијалог. Држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес. Остануваме на реформскиот курс. Пред нас имаме конкретна цел – се наведува во владиното соопштение.

Вчерашната одлука на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, ја поздрави и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан.

Драго ми е што Европскиот совет го осветли патот кон проширувањето, особено за Албанија и идната Северна Македонија, после долга дебата. Патот кон отворањето на пристапните преговори во јуни 2019 е јасен. Клучен сигнал за регионот дека прогресот е награден, и круцијален за кредибилитетот на ЕУ – напиша Хан на Твитер.

Преку социјалните мрежи се огласи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Ќе нè биде! Ќе има пот, солзи и многу разочарувања, ама ќе нè биде. Колку повеќе пречки, толку поголема радост на крајот. Го пропуштивме времето кога патот беше асфалтиран, сега ќе се качуваме по планински пат, тесен и стрмен, покрај дожд и силен ветар. АМА ЌЕ НÈ БИДЕ!“, напиша  Димитров.

„И сите тие кои уште се намрштени, збунети, скептични, без надеж – и нив ќе ги мотивираме. Време е генерацијо да засукаме ракави и да си ја завршиме нашата мисија. Да расчистиме со предизвиците за нашиот идентитет, државност и сигурна иднина“, се вели во објавата на шефот на македонската дипломатија кој пак,  пред неколку дена се пошегува дека земјите што ќе поддржат почеток на преговори на Македонија со ЕУ ќе добијат македонски јабучар патлиџан.


Ова наиде на потсмев кај пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошовски, кој исто така се огласи на својот Фејсбук профил каде напиша: Патлиџан дипломатија = пинџур резултати.

Со ова, тој алудираше на фактот дека Франција, Холандија и Данска сепак не се согласуваат со одлуката за почеток на преговори на Македонија, што според него, е дебакал за Заев и Димитров.

Пораката од Луксембург до Заев и Димитров е дека нивната спремност да си го сменат националното име и Уставот на сопствената држава не е доволно за да ја покријат погрешната политика на владата на СДСМ во клучните сектори за државата. Заклучокот кој е постигнат е условен и необрврзувачки, и истиот гласи: “EU negotiations with FYROM/North Macedonia & Albania can start in 2019, depending on progress made by the countries – додава Милошовски.

Демократската фракција при ВМРО-ДПМНЕ пак, оцени дека вчерашниот ден бил понижувачки за земјава, имајќи предвид дека преговорите за членство би почнале дури следната година.

Демократската фракција на ВМРО – ДПМНЕ и сите чесни и искрени вмровци се згасени од вчерашната изјава на нелегитминиот и наметнат лидер Мицкоски, како и од немањето конкретен став по ниту едно прашање. Откако ,,вмровците по професија и потреба” го слушнаа условниот датум за отпочнување преговори, побрзаа и ,,целосно” да застанат зад одлуката на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, да не ја потпише ратификацијата на договорот со Грција.

Досега молчеа, кокетираа и манипулираа со јавноста и членството и потајно го молеа Господ претседателот Иванов да ја потпише ратификацијата, во обидот да не се замерат со меѓународната заедница. Во преден план им беше исполнување на цензусот за референдумот, односно исполнување на условите од договор Заев – Ципрас, а притоа да останат со ,,чисти раце”. Полна им беше устата со флоскулата ,,Не го менуваме Уставот поради промена на името”, а потајно посакуваа и работеа на промена на името и заштита и пазарење за оние кои ги донесоа на партискиот врв – се истакнува во соопштението на демократската фракција која бара Заев да си поднесе оставка.

Поврзани вести

Утре започнува расправата за доверба на Владата на Ципрас, гласањето в среда

Реа од употребени пелени причина за евакуација на жителите во ТЦ „Скопјанка“

Македонија се задолжува за нови 32.4 милиони евра на домашниот пазар