Image default
ММС-Стории

Македонскиот Нигериец разочаран – очекуваше финале со „кариоките“, Нигеријците се сопнаа на „гаучосите“

ММС, 27.06.2018

Зегин

Синоќешниот фудбалски меч Нигерија – Аргентина (1-2) Симон Поликарп – Џими, познат во Македонија по снимените реклами и по хуманитарната дејност, го проследи во кафеана во Штип, град во кој одамна живее, а откако Нигеријците беа елиминирани со гол во последните минути, Џими посака на следното светско првенство да има натпревар, по можност финален, помеѓу „двете негови тетковини“, Нигерија и Македонија.

Зегин

Пишува: Љупчо Шатевски

Не му беше лесно на Симон Поликарп – Џими, единствениот или еден од ретките Нигеријци со постојано место на живеење во Македонија, во која е веќе четири децении, да го гледа синоќешниот драматичен фудбалски натпревар на Светското првенство во Русија меѓу неговата родна Нигерија и Аргентина (1-2). Посакувал дури и финале со „кариоките“, но „гаучосите“ со гол во последните минути му го расипаа сонот и го прекинаа престојот на репрезаентацијата на Нигерија на СП во Русија.

Дваесет години во Нигерија, а 40 во Македонија
Џими натпреварот го следеше со пријатели во кафеана во Штип, град во кој живее со сопругата, скопјанката Билјана, со која имаат двајца синови, од кои постариот е веќе оженет и живее во Скопје. Беше пресреќен кога Нигеријците го постигнаа израмнувачкиот гол што ги водеше во осминафинале, но и шокиран по голот на Аргентинците во самиот финиш на мечот.
– Рано утрово се вратив од службено патување во Германија. Таму немав можност да ги гледам првите два натпревара на Нигерија на СП во Русија, но ги слушнав резултатите. Ни` требаше само бод со Аргентина за да продолжиме во следната фаза на мундијалот. Верував дека ќе можеме да го освоиме, но немавме среќа. Посакував дури и финале, по можност со Бразил, но среќливите Аргентинци ни` го пресекоа патот. Ако, на следното СП можеби ќе имаме повеќе среќа. Нигерија има млада и квалитетна екипа. Многу ќе бидам среќен ако и Македонија конечно се избори за учество на едно СП. И таа создава подмладена и квалитетна репрезентација. Замислете натпревар Македонија – Нигерија на следното СП – зборуваше веднаш по синоќешниот меч тажниот Џими.

Џими синоќе по голот на Нигерија

Го прашавме за која од двете репрезентации би навивал при евентуален таков дуел.
– Роден сум во Нигерија. Таму живеев 20, а во Македонија сум 40 години. Па како да имам две татковини. Ќе навивам Македонија и Нигерија да играат во финале, со продолженија и пенали, па нека победи посреќниот – непоправлив оптимист е 60-годишниот Симон Поликарп, одамна познат во македонската јавност по снимените ТВ-реклами, но и по хуманитарната активност како претставник за Балканот на швајцарска христијанска фондација.

Прекарот Џими го добил во Пробиштип
Интересна е неговата животна приказна. Од Нигерија, голема африканска земја со 150 милиони жители, дошол есента во 1977 година заедно со уште 1.500 млади Нигеријци за да учат во средните училишта во тогашна Југославија. Од нив 60 се запишале во Македонија – 42 во текстилното училиште во Штип, а 18, меѓу кои и Симон Поликарп, во рударското во Пробиштип. Прекарот Џими го добил уште првата година во Пробиштип кога најчесто бил облечен во маица со името и ликот на неговиот омилен реге-пејач Џими Клиф од Јамајка, на кого многу личел, па соучениците мислеле дека самиот си ги отпечатил името и ликот на маицата, и го завикале Џими. Симон тогаш малку знаел македонски за да им објаснува, па прекарот му останал до денес.

Во Нигерија, во родната Јола, град со речиси два милиона жители, каде што му се браќата и сестрите, се вратил само на една година. Првата по матутирањето, да ги одработи задолжителните 12 месеци како владин стипендист. Потоа се враќа и засекогаш останува во Штип. Се запишал на Рударско-геолошкиот факултет, но на струката нема работено. Прво држеше кафуле, па ресторан, а од пред две децении е во швајцарската организација „Галилеј“. До пред четири години Џими беше единствениот Нигериец и црнец во Штип. Многу се израдува кога тогаш во Градот под Исарот дојде уште еден негов сонародник, младата студентка Блесинг Очуку.

Џими пред четири години во Штип со сонародничката Блесинг

– Блесинг веќе си замина од Македонија, но слушам дека неодамна во Штип стигнала нова студентка од Нигерија. Иако во Македонија веќе се чувствувам како староседелец, сепак е убаво кога ќе можеш да се сретнеш со некого од родната земја – вели Џими.

„300 Нигеријци плачевме кога првпат видовме снег“

Џими никогаш нема да го заборави денот кога првпат дошол во СФРЈ и првпат во животот видел снег.
– Во авионот бевме речиси 300 млади Нигеријци што требаше да почнеме прва година средно во Југославија. Беше крајот на октомври 1977. Од Нигерија полетавме на 40 степени над нулата. Во Белград, каде што требаше да слетаме, аеродрмомот беше затворен поради голем снег. Продолживме кон Загреб. И таму имаше многу снег. Сепак, слетавме. Еден по еден почнавме да излегуваме од авионот на асфалтот. Првите испопаѓаа на снегот. Исплашени, сите се вративме во авионот. Сите плачевме. Некои од страв паднаа во бесвест. Само што беше паднат мрак. Не сакавме повторно да излегуваме по никоја цена. Целата ноќ ја поминавме во авионот, кој беше со вклучени мотори за да биде топло. Сите добивме и по едно ќебе. Утрината замотани во ќебињата излеговме. Имаше многу паѓања и повреди. Таа зима 700 од запишаните 1.500 средношколци во СФРЈ се вратија во Нигерија, а по четири години матуриравме само 340 – раскажува Џими.

Поврзани вести

Учителот Ангел на 86 години издаде книга со 1.000 архаизми што ги нема во тритомниот речник

Љупчо Шатевски

Штипско Ново Село – едно маало побогато со историја од велеград

„Штипска Сорбона“ живее во сеќавањата и по повеќе од седум децении