Image default
Вести Култура

Во Велес почнуваат 55. Рацинови средби

Во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечер свечено ќе бидат отворени 55. Рацинови средби.

Зегин

На отворањето на манифестацијата ќе има меѓународен поетски митинг, обраќање на градоначалникот Аце Коцевски, настап на Камерниот црковен хор „Св. Пантелејмон“ и концерт на Влатко Стефановски. Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска.

Зегин

Пред официјалното отворање, попладне ќе биде положено цвеќе на Спомен-костурницата, ќе биде оддадена почит пред споменикот на поетот Кочо Рацин на плоштадот во Велес, ќе биде промовирана поштенска марка со ликот на Рацин и ќе има изложба со портрети од поетот на сликарот Ангел Петров.

Манифестацијата ќе заврши утре кога ќе опфати уште неколку настани – меѓународна конференција на тема „Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик – Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот на македонскиот јазик.

Учесниците утре ќе ја посетат Спомен-куќата на Рацин каде што ќе биде промовирана книгата „Влогот на Конески во Рацин“ од проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ.

Средбите ќе завршат утревечер во Велешкиот театар со врачување на наградите на годинашните добитници: Игор Станојоски доби Рациново признание за романот „Диссомнии“, Почесно Рациново признание добија авторките на Хрватско-македонскиот речник – Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска, а наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ќе ја добие Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

Годинава се одбележуваат три годишнини – 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби“. Манифестацијата почна вчера со посета на Спомен-обележјето на Лопушник каде што Рацин загинал во 1943 година.

Претседателот на Организацискиот одбор и градоначалникот на Велес Аце Коцевски на прес-конференција по повод новото фестивалско издание рече дека целта им е да ги вратат „Рациновите средби“ на пиедесталот и да бидат еднакво важна манифестација како Струшките вечери на поезијата и Охридско лето. Според него, во изминатите неколку години оваа манифестација го немала заслуженото место.

Related posts

Нивоата на природните езера повисоки од вообичаено

Трајче Гогов

Ципрас го објави договорот: Уставната ревизија е голема победа за Грција

Трајче Гогов

Албанец убиен во Мали, повредени косовски и македонски државјанин

Трајче Гогов