ММС

Објавено на: 02/10/21 11:21 AM

Народна банка ќе ја задржи основната каматна стапка од 1,5 отсто

Комитетот за оперативна монетарна политика на последната седница одлучи да да ја задржи основната каматна стапка на ниво од 1,5 отсто.

Од Народната банка велат дека тековите се стабилни, а макроекономската политика го задржала релаксираниот карактер.

„Намалувањето на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи во изминатата година придонесоа за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. Со оглед на веќе извршеното олабавување, а при и понатаму присутни ризици и неизвесност, на седницата беше одлучено да се задржи каматната стапка на благајничките записи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови„ соопштија од Народна банка.

Истовремено, на седницата беше оценето дека ослободената ликвидност од вкупно 15 милијарди денари преку основниот инструмент на Народната банка изминатата година е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, соопштуваат од Народната банка.

Макроекономските показатели за бруто домашниот производ упатуваат на годишен пад на економијата до првите три квартали од годината од 5,9 отсто што е во согласност со предвидените проекции на Народната банка за пад од околу 6%. Од банката истакнуваат дека според податоците за економската активност за четвртиот квартал има поповолни движена во домашната економија и тоа треба да предизвика поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал.

НБ појаснува дека во услови на раст на извозот во последниот квартал од 5,1 отсто, индустријата бележи натамошно забавување на годишниот пад, при што во декември беше забележан и годишен раст, првпат од појавата на пандемијата. Забавува падот и кај прометот во вкупната трговија, додека градежништвото бележи забрзување на растот.

Просечната годишна стапка на инфлација за целата 2020 година изнесува 1,2 отсто, што, според Народната банка,  е во согласност со проектираната стапка согласно со нејзината последна проекција.

Девизните резерви, истакнуваат, и понатаму се на соодветно ниво и се одржуваат во сигурната зона, со динамика на промена во 2020 година којашто е подобра од очекуваната согласно со последните проекции.

Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во денари е задржан на релативно солидно ниво, за што потврда е и отсуството на потребата кај банките за тргување на пазарите на пари.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.