ММС

Објавено на: 02/10/21 9:53 AM

Вонредниот конгрес на кој ќе се гласа за доверба на Мицкоски закажан за 28 март

Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес по неколку месеци успеа да ги обезбеди потписите од мнозинството на делегати кои учествувале при изборот на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка. Делегатите сметаат дека е недозволиво претседателот на кој што му ја дале довербата, да не свика конгрес и да не се обиде да им објасни кои се причините за последователните изборни порази и катастрофалниот рејтинг. Затоа иницијативниот одбор одлучи, со поддршка на мнозинството членови да свика седница на Конгресот надвор од редовниот термин“, се вели во соопштението на иницијаторите за промени.

Одборот одлучил да го закаже 17-от Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје. Следниот период ќе бидат формирани телата за спроведување на конгресот и ќе се отпочне со дистрибуција на покани и материјали за делегатите, а во меѓувреме одборот ги повика сите заинтересирани кандидати за претседател на партијата да достават апликации заедно со план за работа.

Една од приоритетните точки на дискусија ќе биде отчет за сработеното од страна на актуелниот претседател и гласање на доверба.

„Ниту времињата се редовни, ниту ситуацијата во која се наоѓа партијата и државата се редовни, така што неминовно се наметнува потребата од вонреден конгрес. ВМРО-ДПМНЕ со се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски е руинирана до непрепознатливост. Тој нема поддршка ниту од членството, а уште помалку од неутралната јавност. Доколку Мицкоски и мисли добро на Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе се повлече од функцијата и ќе го поддржи одржувањето на Вонреден 17-ти Конгрес. Доколку смета дека направил барем една добра работа за партијата и државата во овие три години, ќе излезе и ќе ја побара поддршката од делегатите на вонредниот конгрес. Само на тој начин партијата ќе влезе обединета и со нова енергија на локалните избори на есен. Секој обид да се избегне отчетот пред делегатите кои го избрале е мајтапење со членството и купување на време за лично богатење на грбот на партијата„, велат од Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.