ММС

Објавено на: 02/10/21 9:11 AM

Николовски замачкува очи со смена на локални функционери на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Криминалот и корупцијата рушат рекорди во Македонија, „Економист“ не вбројува во земји со хибриден режим, „Транспаренси Интернешнл“ не рангира на 111 место по корупција, а Љупчо Николовски, од Заев именуваниот вицепремиер за борба против корупцијата се фали дека побарал смена на член на УО на битолски студентски дом, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо суштинска борба против корупцијата, според нив имаме замачкување на очи на народот. Ниту еден врвен функционер не е предмет на истрага, ниту еден од високите функционери на власта не се соочил со одговорност за стореното.

-Македонија е на врвот на светските листи не само заради некој корумпиран локален функционер на СДСМ, туку милион пати повеќе заради Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Драги Рашковски и други од врвот на власта. Нема одговорност за Зоран Заев, кој јавно беше посочен од страна на Бојан Јовановски, како лице кај кого завршиле парите од Рекет. На слобода е и Ден Дончев кој сите го видовме како става туциња пари во ташна. Од истрага се спаси и Драги Рашковски кој го слушнавме како договара аванта од 2.6 милиони евра за набавка на систем за летање. Само со опомена помина и Курто Дудуш кој тепаше и малтретираше граѓанин во неговиот кабинет, без посериозна казна помина и Боро Малборо, кој шверцаше цигари, а по смената од градоначалник доби лиценца за садење на марихуана од Заев, стои во реакцијата на најголемата опозициона партија во земјата.

Поради неказнувањето на стотици корумпирани функционери на СДСМ ширум државата, Македонија е хибриден режим и држава од која бегаат инвеститори, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.