ММС

Објавено на: 02/9/21 8:20 PM

Закажување за вакцина и за издавање пасош не е исто – вели Чагоровска од „Мој термин“

Приоритетна група за вакцинација секогаш е ризичната група од популацијата. Овде спаѓаат и луѓето со малигнитети, но воопшто не е исто дали еден пациент имал малигнитет имал пред 3 години и сега е во комплетно здрава состојба, или пред 3 месеци ја примил првата терапија. Ова вечерва го изјави претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова.

Во интервју за ТВ Телма, таа потенцираше дека е потребна координација меѓу матичните лекари, специјалистите и пациентите, односно оние кои би сакале да ја примат вакцинацијата.

„Како категоризација направивме некаков вид на алгоритам. Треба да се утврди степенот на ризикот кај една личност. Здравствените работници се во првата категорија бидејќи нивната изложеност е највисока, секој ден имаат висок ризик од заболувањето. Втората група се оние со одредени заболувања. Може да имаме и помладо лице со коморбидитет, но прво ќе се  почне со луѓето од над 70 години, па ќе се симнуваме на 60 и понатака. Од овие лица нема да имаме сто процентна заинтересираност, па очекувам набргу да се направи приоритизација на овие групи“, додаде Грозданова.

Претставничката на електронскиот систем „Мој термин“, Жаклина Чагоровска потенцира дека во Националниот план точно се напишани правилата како се дефинирани групите граѓани за вакцинација.

„Ги следевме препораките на СЗО. Одлуката да бидат вакцинирани сите над 70 години ја донесовме бидејќи добивме информација дека ќе добиеме повеќе вакцини од она што го очекувавме. Ние строго ги дефиниравме и правилата за луѓето со коморбидитети и врз основа на меѓународните препораки решивме да се обратиме до универзитетските клиники од каде ни дадоа точно определени групи на дијагнози“, изјави таа вечерва гостувајќи во емисијата Топ тема. Чагоровска додаде дека има околу 350 групи на дијагнози, групирани според состојби.

Во однос на закажувањето за вакцинација, таа истакна дека тоа воопшто не е исто со закажувањето термин за издавање пасош.

„Се работи за здравствена услуга, секое закажување во позадина произведува документ кој се вика упат. Евидентираме кој го закажува, за кого е, со каква дијагноза е. Тоа го евидентираме за да може таа евиденција да ја користиме за подобрување на здравствениот систем“, додаде таа.

Чагоровска се осврна и на вакцинацијата против сезонскиот грип. Потенцираше дека настанатите проблеми зависеле од повеќе фактори, односно од недоволниот број вакцини, намалениот капцитет на установите поради пандемијата со коронавирусот, но и малиот број термини кои можеле да бидат дозволени за вакцинирање.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.