ММС

Објавено на: 02/9/21 6:26 PM

Ако нема решение до крајот на месецов, почнуват со кампување – Заврши средбата на средношколците со Заев

Ако до крајот на февруари не се изнајде решение за државната матура ќе кампуваме со шатори пред Министерството за образование и наука. Ова го утврдивме пред два дена и ќе го реализираме ако нема компромис од Владата и Собранието – изјави попладнево претседателот на Сојузт на средношколци, Бленди Ходаи. Средношколците денеска се сретнаа со премиерот, Зоран Заев и по средбата информираа дека се децидни во своите барања, но сепак се отворени за изнаоѓање компромисни решенија.

„Ако не се најде некое решение ќе кампуваме од 1 март. Ќе има многу притисоци и од амбасадите и ќе мора да се најде некое решение. Тоа што се знае е дека има волја од страна на премиерот Заев, за разлика од министерката која не сака да дискутира. Сакаме да дојдеме до одлука со која ќе ја завршиме оваа јавна дискусија“, порача Ходаи во изјава за медиумите.

Тој и останатите средношколци сакаат да се дојде до брзо решение, за да може матурантите кои сакаат да студираат во странство да ја испратат потребната документација навремено. Од Сојузот на денешната средба дискутирале со премиерот за можните решенија, доколку пратениците не ги изгласаат законските измени.

„Ние дискутиравме и кажавме дека може да направиме комбинација – укинување на еден интерен или екстерен испит за да се намали бројот на предметите за полагање. Зборувавме и за скратените програми, сега има само 4 предмети со скратена програма во однос на полагањето матура. Тоа се македонски јазик, хемија, физика и географија. Ние сакаме целиот материјал кој е изучуван од март лани до крајот на оваа учебна година да биде со скратени програми за да имаме фер одржување на државната матура“, објасни Ходаи.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.