ММС

Објавено на: 02/9/21 4:33 PM

Во Србија почна и ревекцинацијата

Ревакцинацијата на граѓаните со вакцината на кинескиот произведувач „Синофарм“ започна денес на Белградскиот саем, јавува Анадолија (АА).

На пунктовите на Белградскиот саем граѓаните досега ја примаа првата доза на вакцината, но тој сега станува пункт само за ревакцинација, додека првата доза граѓаните ќе ја примаат во центарот „Белекспо“.

„Луѓето нема долго да чекаат, нема причини за нервоза, луѓето што се закажани ќе ги добијат своите дози. За секого е сочувана доза за ревакцина“, изјави денес српскиот министер за здравство, Златибор Лончар, и повтори дека сите вакцини се безбедни и бесплатни во Србија.

Досега во Србија се вакцинирани повеќе од 534.500 луѓе, а повторно се вакцинирани повеќе од 22.000. Меѓу ревакцинираните се корисниците на домовите за стари лица и лекарите. Ревакцината се прима претежно по 21 ден од добивањето на првата доза од вакцината.

Граѓаните во Србија за вакцинација се пријавуваат по електронски пат или по телефон и досега добиваа точен термин за вакцинација.

Според зборовите на Михаил Јовановиќ од Канцеларијата за ИТ-управа, на која ѝ е поверено и доделувањето термини за вакцинација, луѓето што ја добиваат првата и втората доза од вакцината ќе бидат одвоени и ревакцинацијата ќе се извршува во прва, а вакцинацијата во втора смена.

Во Белград првата доза на вакцината ќе се прима само во центарот „Белекспо“, додека ревакцинацијата ќе се дава на Белградскиот саем и во здравствените домови.

Граѓаните во најголем број ја примија вакцината „Синофарм“ од кинеско производство, од која во средината на јануари пристигнаа милион дози, потоа „Спутник V“ од руско производство и „Фајзер/БајоНтек“, од германско-американско производство, која првенствено е поделена на здравствените работници и на корисниците на домовите за стари лица.

„Ревакцинацијата денес започна и за населението од Косово, за кое се отворени три пунктови во централна Србија – во Рашка, Куршумлија и Бујановац“, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија при Владата на Србија.

Србија е меѓу земјите што дале најмногу вакцини на 1.000 жители.

Министерот за здравство, Златибор Лончар, изјави дека во петок во Институтот за серуми „Торлак“ доаѓаат експерти на Институтот „Гамалеј“ од Москва. Според неговите зборови, во петок ќе биде познато дали Србија ќе може да ги произведува вакцините на тој произведувач – „Спутник V“.

Тој изјави дека според некои проценки Србија за два до три месеци ќе може да влезе во една фаза на производство, во која би добивала готови супстанции за вакцината, кои финално би ги обработувала и пакувала, а дека за производство на вакцината од самиот почеток се потребни шест до седум месеци.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.