ММС

Објавено на: 02/9/21 3:39 PM

Бачев побара од Вучиќ Македонците да можат да се вакцинираат во Србија

Лидерот на политичката партија Единствена Македонија, Јанко Бачев, денеска преку писмо му го честита лидерството на претседателот на Србија, Вучиќ и побара од него да овозможи на македонците кои сакаат да се вакцинираат, да можат да го сторат тоа во Србија.

Според Бачев, Вучиќ не препуштил ништо на случајноста и навремено набавил вакцини против ковид-19, за разлика од Македонија која покажала дека нема институционален капацитет за справување со коронавирусот и нема обезбедено ниту една вакцина. Тој вели дека сега државата е во очајнички обид со просење и молење да обезбеди вакцини, со што се нарушува угледот и достоинството на македонскиот народ и државата.

– Единствена Македонија придава исклучиво значење за сеопфатна соработка со Србија, а заложбата за нејзино остварување претставува посебен интерес за Единствена Македонија, македонскиот народ и поголем дел од малцинствата во Република Македонија. Истовремено, чуствителни сме околу Вашата загриженост за неколку погрешни потези на владата во Скопје за прашања од највисоко национално и државно значење за Србија. Но сакам силно да ве уверам дека тоа не ја одразува волјата на македонскиот народ кој е пријател на Република Србија. Сега е најважно здравјето на народот. Здравјето не трпи политички калкулации. Став на Единствена Македонија во однос на вакцините против КОВИД-19 е избор меѓу повеќа вакцини и вакцинирањето да биде лична одлука на секој поединец, наведува Бачев во писмото.

Позитивниот чекор од страна на Србија за можноста Македонците да се вакцинираат во Србија, според Бачев, би била доказ за големото пријателство помеѓу двете земји.

– Затоа искрено верувам дека ќе излезете во пресрет на барањето од Единствена Македонија и пријателскиот македонски народ за вакцинирање на Македонците во Србија, потенцира Бачев.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.